Морам да констатирам дека ние сме подалеку од ЕУ, сега отколку пред 3 или 4 години, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за „Само вистина“ на Канал 5, кој додаде дека едната причина за тоа е тоа што нема да се реши проблемот со Бугарија, додека другата причина се аферите на власта кои имаат меѓународен карактер.

– Прво проблемот со Бугарија нема да го решиме, или нема доколку не се најде оваа влада во ситуација да направи катастрофални национални отстапки кои ќе задираат уште подлабоко во идентитетот, кој веќе е задрен во Преспансскиот договор и дефомиран. Преспанскиот договор ни кажува каков народ сме ние и каков јазик зборуваме, со фусноти и дообјаснувања, што смееме и не смееме, но со Бугарија е и пострашно, истакна Димовски.

Димовски посочи дека дури и има изјава од бугарски амбасадор од пред некој ден кој вели дека Македонија сама одлучи да го потпише Договорот за добрососедство и пријателство, и сега има обврска да го почитува. Додека во однос на аферите на власта истакна дека тоа не само што ние ги гледаме секојдневно туку тоа го гледаат и странците.

– Секојдневно во Македонија гледаме афери кои имаат регионален и меѓународен импакт и тоа се афери од типот дека Македонија станува центар на производство на дрога, центар каде масовно се делеле пасоши на докажани криминалци и лица кои извршиле убиства и тргуваат со дрога во светски рамки. Немој да мислите дека странските амбасади тоа не го следат и него ставаат во анализа, потенцира Димовски.

Тој вели дека уште една работа која не ни оди во корист се глобалните текови внатре во ЕУ кои нема да ни дозволат премногу оптимизам.

– Следат избори во Франција, два пара избори во Бугарија, кај нас локални избори, оваа година Македонија не треба да се надева на почеток на датум. Ова треба да биде мотив за МАНУ, државата и политичките фактори да седнат и најдат концепт како да ја развиеме државата во овие околности, рече Димовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.