СДСМ преку Законот за стратешки инвестиции, кој го донесоа на вчерашната седница, сакаат во изборен период од политички орган составен од политичари со класични политички одлуки да даваат бенефиции на веќе очигледно договорени зделки, без цврсти критериуми со однапред познати фирми и компании, обвини денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Додаде дека како што беше праксата за многу закони досега, СДСМ, Законот за стратешки инвестиции го предложи по скратена постапка, со европско знаменце, а притоа прават фалсификат, повикувајќи се на Регулативата на Европската Унија број 347/2013, која што воопшто не тангира повеќе од 90% од содржината на овој закон.

Оваа регулатива се однесува на усогласување за транс-Европски енергетски инфраструктури. Исто така, преку фалсификатот на усогласување со регулативата, Владата на СДСМ додава нови 12 области кои воопшто не се предмет на наведената регулатива, со што се прави поширока дефиниција за тоа што е всушност стратешка инвестиција. Според дефинициите во законот, со овој закон дури и инвестиции кои што се однесуваат на подигање на плантажи со марихуана може да добијат статус на стратешки инвестиции, посочи Димовски.

Овој закон, додава Димовски, предвидува и формирање на Комисија за стратешки инвестициони проекти која ќе ја сочинуваат премиерот и неколку министри како и Генералниот секретар на Владата како постојани членови, како и министри и градоначалниоци во зависност од областа и локацијата на веќе замислените инвестициони проекти на за нив омилени компании.

Владата со овој закон си остава простор за потенцијални злоупотреби, криминал и корупција, давајќи им бенефиции и повластен статус на очигледно предходно одбрани компании. Спроведувањето на овој закон, за жал, нема да подлежи на никаква стручна, експертска или било каква друга надворешна контрола. Она што е значајно да знаете, е дека во самиот закон се предвидува дека тој ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, што не е пракса за другите закони во Собранието, заради тоа со објавување во Службен весник секогаш се остава простор од најмалку 8 дена за стапување во сила на законите, посочи Димовски.

Според Димовски, втората сомнителна работа е тоа што со овој закон Владата предложи, а Собранието ја задолжи во рок од 7 дена таа да ги подготви подзаконските акти што исто така е сулудо, знаејќи колку е бавна и неработлива оваа Влада, освен ако сето тоа не е припремено по нарачка на одредени компании пред донесувањето на овој закон.

Исто така, со овој закон предлагаат јавниот повик да се објави најдоцна до 31 јануари односно за помалку од 10 работни дена, а Владата ќе има право без никакви рокови уште наредниот ден да им дава повластици на одредени компании, да ги прогласува како стратешки инвестиции. Овој закон за нас, не е закон за привлекување на странски инвестиции заради тоа што историјата на работа на оваа Влада во однос на привлекување на странските инвестиции е катастрофална, вели Димовски.

Како пример ги посочи бројките од тековната година во период од јануари до септември, кои што се официјални и се во согласност со европската статистика.

Во овој период Република Србија има инвестиции од 2,9 милијарди евра или по глава на жител од 413 евра. Албанија има 808 милиони или 285 евра по глава на жител. Република Македонија има 131 милион или 63 евра по глава на жител, односно од Србија сме послаби осум пати, а од Алабнија пет пати, во привлекување странски инвестиции во оваа тековна година. Од тој аспект, сакаме да посочиме дека овој закон во следниот период ќе се злоупотребува од две причини. Првата причина досега ви ја објаснив. Втората причина поради кој што ќе се злоупотребува овој закон е претставување на крај на своето владеење во период на техничка Влада, дека нешто СДСМ сработиле во делот на инвестициите, па ќе имаме гломазни прослави за минимални проекти како изградба на 2 километри пат како што видовме вчера. Затоа сакаме да предупредиме до јавноста, до медиумите, до граѓаните дека СДСМ дури и на одење се обидува на криминален начин да даде бенефиции за нив веќе познати компании, посочи Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.