Агенцијата за национална безбедност ги доставила до Јавното обвинителство сите информации кои се побарани од нив во врска со случајот со пронајдените доверливи документи кај пратеничката Фросина Ременски, потврди директорот на Агенцијата, Виктор Димовски. 

-Во врска со тоа прашање во комуникација сме со надлежните институции во нашата земја. Се она што е побарано, соодветно согласно расположливата документација информирани се надлежните институции , рече Димовски на новинарско прашање во врска со случајот за случајот со Меѓународниот сојуз, познат како „Рекет 2“ .

За тоа до каде е истрагата за овој случај, тој упати за повеќе информации кај ЈО.

Во рамки на истрагата „Рекет“ кај пратеничката Фросина Ременски беа пронајдени доверливи документи за кои таа тврдеше дека станува збор за документи кои кријат кривични дела и криминал, за наводна нелегална употреба на македонски агенти на УБК надвор од државата.

Запрашан за надводни злоупотреби во рабоптата на АНБ, Димовски рече дека Агенцијата за национална безбедност функционира четири месеци од 1 септември минатата година и оти во изминатиот период направиле значајни чекори според нивната оценка и оценката од нивните партнери со кои комуницираат, укажувајќи на успешно завршениот процес на селекција на кадрите од поранешната УБК.

-Сега се обидуваме да го возобновиме персоналот со свежа крв од македонските универзитети. Ја финализиравме изработката на внатрешната легална рамка на функционирање на институцијата и сега сме во фаза на оформување на легалната рамка за соработка со останатите државни институции во земјата. Периодот е прекраток, но сакам да ве уверам дека задачата што ја имаме да го реформираме безбедносниот сектор, да ги избегнеме замките и злоупотребите кои што биле правени во минатото и поради кои се пријде кон реформа на безбедносниот сектор, дека Агенцијата нема да падне во таа замка. Ние ќе продолжиме да работиме согласно законот, ќе продолжиме да се координираме и со регионалните и со меѓународните безбедносни инстритуции од стартешките интегртивни процеси кон кои се стремиме и убеден сум дека сме на вистинскиот пат. Времето ќе покаже дали ова што го зборуваме е вистина, рече Димковски кој со Никола Јанкуловски ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.