На денешната средба на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ќе го покренеме и прашањето за пристапување и проширување на Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пред почетокот на неформалниот состанок на ГАК, што се одржува денеска под словенечко претседателство во Брдо кај Крањ.

– Го спомнав зборот криза. Етимолошки зборот значи одлучувачка точка. Во рамките на словенечкото претседателство во следните шест месеци ќе ја достигнеме оваа одлучувачка точка или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме. Сметаме на вештините и мудроста на нашите словенечки пријатели за да успееме, нагласи Димитров.

Тој потенцира дека темата на средбата на ГАК е посветена кон изградба на поотпорна Европска Унија по Ковид-19 кризата.

– Знаеме дека вирусот, упорниот вирус не знае за граници, не распознава статус на членство или кандидатски статус на земјите. Имајќи ја предвид нашата географија, ние сме опкружени со земји членки, треба да го направиме ова заедно со ЕУ, затоа многу се радувам на дискусијата, додаде Димитров.

Вицепремиерот Димитров вчера по пристигнувањето во Љубљана имаше средба со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со ГАК, Гашпер Довжан, при што нагласи дека приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ во следните шест месеци, покрај пријателска поддршка за нас и за регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија.

– Заедничкото минато со Словенија се надоврзува на стремежот за градење заедничка, европска иднина. Приоритетот на словенечките пријатели за следните шест месеци од нивното претседавање со ЕУ, покрај пријателска поддршка за нас и регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија, истакна Димитров.

Димитров вчера во Љубљана имаше средби и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус, на кои беше реафирмирана поддршката за отпочнување на преговори за членство со оглед на фактот дека Македонија ги исполни сите услови и беше потенцирано дека е потребен итен исчекор во процесот на проширување на Унијата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.