Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска од собраниската говорница ја прифати иницијативата на пратеникот Панчо Минов да биде донесена резолуција од страна на Собранието со која ќе се потврдат реформските и интегративните процеси на државата.

Искуството на сите држави што го изоделе патот пред нас укажува дека колку поблиску власта и опозицијата работат за овие цели, толку полесен, побрз и побогат е тој пат и во таа смисла не гледам ништо спорно. Напротив, Владата со раширени раце ќе ја прифати ваквата иницијатива со една декларација со која сите ќе укажеме дека сме за европските интеграции. Од последните анкети што ги гледав 86 проценти од граѓаните го поддржуваат патот кон ЕУ и тоа е рејтинг што е поголем од сите политички партии заедно, рече Димитров.

Додаде дека во тој контект може да се направи и нешто конкретно, односно заеднички да се обезбеди двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство кое ја покрива и иднината на Специјалното јавно обвинителство. – Наша задача е да направиме се што можеме, да гледаме малку пошироко, да мислиме на државните интереси, да обезбедиме двотретинско мнозинство за овој закон бидејќи шансите се реални, а непредвилдивоста ако не го фатиме возот сега, исто така се големи, рече Димитров.

Во однос на отворањето на нов граничен премин кон Грција, Димитров рече дека ќе се обидат да ги поминат сите процедури и да се обезбедат услови договорот да биде потпишан во рамки на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на нашата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.