Откако на прес-конференција во средата вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, изјави дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи во однос на градењето на ставовите во преговорите со Бугарија, тој во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ изјави дека својот став го темели на две работи: лично сведоштво од состаноците за координација и од информации добиени од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ.

Мојата проценка се темели на лично сведоштво на искажани ставови и во рамките на внатрешната координација, а и на информации што ги добивам од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ. Мислам дека ќе биде нечесно ако во името на некакви колегијални односи за толку крупно прашање, јас мојата проценка не ја споделам јавно, во ситуација кога нема да бидам таму за да можам самиот да го носам тоа гајле, бидејќи работата на интерна координација кога ќе дојде во таа мера кулминирачка за човек за да обезбеди тоа што мисли дека е преважно да каже: „луѓе ако сакате да одите вон ова ќе мора да одите без мене, не можам да бидам дел од ова, додека сум јас на оваа маса за ова не може да се разговара“.

 

Оттаму ми се мене елементите и оценката. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа. Меѓу другото, тој и во јавност имаше изјава кога кажа мислам дека Бугарија веќе не оди кон идентитетските прашања, а приговорот на Бугарија кон македонскиот јазик во преговарачката рамка до ден денес, за жал, не е симнат. Нема јасен сигнал од таа страна дека се свесни дека без таа работа нема договор – изјави Димитров.

Тој вели дека не му е целта да го нападне или политички да му наштети на Османи, туку да ја предупреди македонската јавноста дека гајлето „ќе мора да се бере“. Сепак, Димитров вели дека треба да се биде фер и да се даде шанса на новата владата и на новиот премиер.

Реално, треба да бидам фер, да дадеме шанса. Ќе имаме нов премиер, ќе видиме како тој ќе се постави. Го поздравувам тоа што кажа дека ќе ги следи линиите поставени од Декларацијата за македонските позиции усвоена во Собранието. Истовремено, ги повикувам да имаат владин став за тоа дали евентуалното решение ќе оди во Собранието на одобрување, бидејќи токму Бујар Османи кажа дека не мисли дека е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност – вели Димитров.

Тој додава и дека евентуалното решение со Бугарија треба да оди во Собранието не само поради фактот што пратениците изгласаа Декларација туку и поради тоа што бугарската страна ќе оди по тој пат – преку нивниот парламент. Тоа, вели Димитров, додава еден филтер и можност за транспарентност и зголемена доверба во решението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.