Никола Димитров, заменик -претседател на Владата задолжен за европски прашања смета дека смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија.

Утринава во штипската болница почина шеесет и тригодишниот овчар, кој беше една седмица во кома по претрпен мозочен удар, за кого јавноста дозна откако лекарот од кратовската Итна помош на Фејсбук објави дека неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото кое не можело да стаса поради непристапен терен.

Го објавувам името оти мислам дека овој човек и неговото име треба да одекне како силен вресок за промени. Во изминатите денови добив многу пораки од познати и непознати граѓани, некои изненадени што носител на должност зборува (признава) за нефункционалност на институции, некои со поддршка и поттик за да се истуркаат промени, некои со скептицизам дека ништо нема да се стори. Денеска веќе гледам дека мотото “да нема ненадлежни” го преземаат и други. Тоа е добро. Да туркаме заедно, пишува Димитров на Фејсбук.

Вице-премиерот објавува дека имал телефонски разговори и средби и со познавачи на состојбите на терен и со повиканите институции и разбрал дека недостасува интегриран систем за одговор на барања за помош во итни ситуации.

Тој празен простор е совршено алиби за префрлање на топката меѓу институциите и за непреземање, ниту на акции, ниту на одговорност. Тука се потребни итни чекори – да се создаде еден центар што ќе раководи со делегирање на надлежност при вакви ситуации. Наместо пет различни броеви граѓаните во мака ќе вртат еден, па таму ќе се одговорни да најдат кој е одговорен. А повиците да се снимаат, вели Димитров.

Тој смета дека оваа работа мора да се истурка до крај и додава дека тој лично ќе врши притисок се’ додека не се заврши работата.

Што поголем е притисокот толку поскоро ќе има резултати.
Ќе си речете ова не е моја работа – ама пораката што ја пратив дека не смее да има ненадлежни сакам да ја покажам токму преку овој пример.
Да, јас во оваа област немам директни ингеренции, ама тоа не ме лишува од одговорноста што ја чувствувам за да направиме промена што ќе спречи нова ваква катастрофа.
Длабоко сочувство до семејството.
Нека му е светол патот, пишува Димитров.

Смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без…

Posted by Nikola Dimitrov on Tuesday, 6 April 2021

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.