Нон-пејперот на Франција за новата методологија на преговарање се уште е предмет на подетални анализи. За нас е мудро, не само директно толку кон овој нон-пејпер, туку како општи принципи е клучно и немаме што да изгубиме ако има повеќе стриктност во процесот, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката прес-конференција со министерката за надворешни работи на Шведска Ан Линде, коментирајќи го предлогот на Франција за новата методологија на преговори.

Исто така е клучно, и тоа е наведено во овој нон-пејпер, што се работи за процес што има крајна цел – членство. Тоа е повторено на неколку места во нон-пејперот. Ние би сакале да имаме услови за рамноправен натпревар со сите земји од нашиот регион од Западниот Балкан и мислам дека е важно процесот на пристапување, каков и да биде, да овозможи една олимпијада на реформи, оцени Димитров.

Во врска со структурните фондови, тој посочи дека е повеќе прашање за земјите членки и интересна е идејата граѓаните да имаат побрзо повидливи бенефити од реформите, наспроти процес којшто има постојано реформи со бенефити само на крајот на тој процес.

Шведската министерка, за истото прашање посочи дека се уште не го анализирале целосно францускиот нон-пејпер.

Нашиот став е дека би сакале да видиме реформирање на начинот на којшто се одвива процесот на пристапување. Ја поздравуваме ваквата дискусија, но не сум подготвена да кажам нешто во однос на францускиот документ подетално, истакна шефицата на шведската дипломатија на заедничката прес-конференција со Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.