Кога државата не се грижи за достоинството на своите граѓани, станува со-учесник со напаѓачот и го принудува народот да се брани самиот. Не може среде Скопје да се дозволи парола “Македонија е бугарска” и да нема решителна реакција. Во реакцијата на МНР ем не го споменаа Џамбаски, или нешто повеќе, ем ја пофалија Бугарија “за напорите кои ги вложува … за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи.” А истовремено не се дочекува официјалната истрага на македонската полиција, туку веднаш се истрчува со осуди и прејудицирање за тепачката во Охрид. Се заборава дека “пријателската” официјална Софија црно на бело во моментов го негира македонскиот јазик. Прашањето ќе биде суштински затворено тогаш кога бугарската политика ќе ја тргне таа срамна Декларација – коментира поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Вели сето ова што се случува е резултат на нерешениот проблем, односно едностраното решение меѓу Македонија и Бугарија:

Во меѓувреме, сето ова што се случува речиси секоја недела е резултат на фактот што проблемот не е решен. Имаме еден привид на решение, па и тоа е крајно еднострано.
А кога има еднострано решение меѓу соседи, тоа не ги смирува туку ги разгорува тензиите.
Баш ме интересира на заедничка прес конференција на македонски и министер, дали ќе одговорат исто на прашањето дали историјата е услов за македонските евроинтеграции?
Се разбира дека одговорите ќе бидат сосема спротивни.

Понатаму коментира:

Како дојдовме дотука?
На ЕУ ѝ се брзаше за некаков “успех” поради војната во Украина. Тоа може да се разбере.
Но, тоа што не може да се разбере ниту оправда, е тоа што и на нашата влада и’ се брзаше, ама за да го (зло)употреби европскиот процес.
Не за вистински реформи, туку за политички да преживее дома, што денес е посебно очигледно со најавите за таканаречениот европски блок во кој нема ни трага од суштинските европски политики и принципи, како што се на пример борбата против корупцијата, против партизацијата, владеењето на правото … Така стигнавме до сегашново дупло голо: ем осоколивме една антиевропска бугарска политика за македонското прашање, што меѓу другото му штети и на вистинското македонско-бугарско пријателство базирано на заемна почит, ем се оддалечивме од европските реформи.

Што да се прави во ваква ситуација?
Да се седне и во широки консултации да се направи реална анализа на сите замки на патот кон ЕУ со кои се согласи владата. Да се заземе заеднички став што од пакетот мора и како сето тоа може да се поправи, за тој пат навистина на води кон ЕУ, притоа заштитувајќи ги македонските национални интереси. Сето ова претпоставува дека и оваа и сите наредни влади ќе се однесуваат како влади на суверена држава, ничија провинција. Ова се разбира претпоставува и вистинска посветеност на реформите, на штета на партизацијата, за добро на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.