Во организација на Американското катче Битола, заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше виртуелна средба во форма на градско собрание (Youth Town Hall) со младите од регионот на Битола и Струга, наменета за воспоставување транспарентен разговор на теми поврзани со Европската Унија и пристапувањето на Македонија.

Вицепремиерот Димитров им порача на младите луѓе дека тие се иднината на оваа држава, но и наша сегашност поради што треба да бидат активно вклучени во општествените процеси и креирањето политики во областите кои се од нивен и општ интерес.

– Нашето будење како општество започна токму со вашето барање за подобро образование и иднина во нашата земја. Нашата најголема битка е да ве задржиме вас – младите дома и затоа се определив да работам на тоа да ја направиме нашата земја европска, да овозможиме европски стил на живот дома наместо нашите млади луѓе да заминуваат во странство. Тој процес е како градење куќа – со членството во НАТО ги осигуривме темелите, со пристапувањето кон ЕУ сакаме да си го уредиме домот внатре, да ги пренесеме европските вредности и стандарди и да створиме општество еднакво за сите, рече Димитров, соопшти неговиот Кабинет.

Димитров зборуваше за процесот на пристапување кон Европската Унија, придобивките и предизвиците кои ги носи членството, а се осврна и на актуелните прашања поврзани со европската интеграција на Македонија.

Како што се наведува во соопштението, на заинтересираните евро-оптимисти вицепремиерот им ги претстави програмите за млади и нагласи дека со членството во ЕУ се зголемуваат можностите за работа и образование за младите надвор од сопствената држава, но подвлече дека со процесот на европеизација би се намалиле причините поради кои младите ја напуштаат државата.

-Мојата генерација има обврска да обезбеди подобар старт за идните генерации, што подразбира мир и стабилност на државата, вработување засновано на способности и квалитети, правда во судниците, компетентно образование, опремени болници, чист воздух и езера. Членството во ЕУ е двонасочна улица – ви овозможува многу повеќе можности за живот надвор, но нашата мисија низ тој процес е да имате повеќе причини да останете дома затоа што и тука ќе имате исти правила и квалитет на живот, рече Димитров.

Младите луѓе на настанот покажаа голем интерес за европското досие на Македонија и начинот на функционирање на Европската Унија, но и желба за придонес кон овие процеси, наведуваат од СЕП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.