„Проблемот со европската интеграција на РСМ не е централен за бугарскиот политички државен поредок. Формално, секоја влада носи одлуки од надворешнополитички аспект. Во оваа состојба, при доста спорна легитимност на сите во власта, од гледна точка на таквото преставување меѓу Бугарите, редно е да се запрашам дали во ваков момент можат да се носат решенија кои ги засегаат фундаменталните национални интереси“, изјави првиот човек на Историската комисија на Бугарија за спорот со Македонија, Ангел Димитров во интервју за Бугарското радио.

Тој практично ја оспори легитимноста на премиерот Кирил Петков да одлучува за ветото на Македонија со чисто политичка изјава, иако на функцијата е само во улога на историчар и цело време ја обвинува нашата страна дека ги политизира разговорите за историските разидувања.

Димитров отиде подалеку и порача дека нема ни потреба да се свикува Консултативниот совет за национална безбедност на оваа тема.

„Топката не мора постојано да се префрла од една во друга институција“, изјави тој.

Тој ја обвини Македонија дека Договорот за пријателство и добрососедствцо го смета за формален акт, за влезен билет за ЕУ, а не за солиден политички ангажман. Освен тоа, вели дека не треба да живеат со претставата за лажни сигнали, дека нешто се случува, а резултати нема.

„Не мора да живееме со поимот мимикрија на акција, на лажни сигнали дека нешто се случува, по што нема резултати“, порача Димитров. Тој смета дека зад  „избрзаните постапки на премиерот Кирил Петков“ со еуфоричното убедување дека може да се одврзе комплексен јазол, очигледно стојат активности кои остануваат јавно непознати, а тоа создава тензија кај бугарското општество. Тој нагласи дека нема ништо заедничко меѓу бугарската позиција и интересите на Русија, а тезата за тоа е несериозна и непријатна.

„РСМ има држава која е генетски поврзана со Србија и Русија. И не може или не сака да им сврти грб. Затоа се апсурдни тврдењата дека бугарската позиција е во служба на Русија или Србија. Бугарија категорично ја поддржа евроинтеграцијата на Македонија за да и помогне да се тргне од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се чуваме од таквите евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја“, рече Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.