Министерот за надворешни работи Никола Димитров испрати изјава до редакцијата на „Република“, во која вечи дека е задоволен од одлуката на Советот за етика во медиумие, со која се потврдува дека порталот Република го прекршил членот 1 од Кодексот на новинари, но нема да нè тужи за да не ги блокира судовите, но и за да ѝ се посвети на својата мисија.

Ова се двете одлуки на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите (СЕММ) коишто потврдуваат дека интернет порталите Инфомакс и Република неделник, кршејќи го Кодексот на новинари и тоа во членот 1 објавиле неточни информации за моја наводна вмешаност во аферата Рекет со цел да ме дискредитираат.

Во моментот кога ги видов текстовите, згрозен од дрскоста моето име да се плетка во случај со кој немам никаква, ама апсолутно никаква врска, а чија разрешница е исклучително битна за земјава, кажав дека правда ќе побарам на суд.

Но, следејќи ги добрите европски практики и слушајќи ги апелите на новинарските организации, особено во контекст на најавените чекори за силна саморегулација на интернет просторот, сепак се одлучив да ги поддржам професионалните новинари и нивните обиди за воспоставување на ред во сопствениот двор.
Тоа е комплексен и тежок процес, не носи резултати веднаш, но на долг рок е единствениот здрав за демократијата и за слободата на говор.

Во меѓувреме, нам на кои политиката ни е чист идеал и борба за земјата, ни останува да се бориме со лагите преку уште посилна работа, посветеност и чесност.
Уште еден аргумент за оваа моја одлука, се разбира е и фактот што лаги и кал кон мене се фрлаат секој ден. Јас имам мисија и немам време за секојдневни тужби. За волја на вистината, уште помалку тоа време и приоритети ги има во моментов македонското судство, пишува Димитров.

Она што е важно да се нагласи во овој контекст е дека министерот за надворешни за скандалот „Рекет“ бил информиран во првото тримесечје од 2019 година, лично од еден нерезидентен амбасадор, претставник на една од поновите членки на ЕУ, чиј близок соработник во Македонија (познат стопанственик) бил исто жртва на изнуда на пари од рекетарско-обвинителската екипа на власта. Ова Димитров не го демантира.

Димитров ѝ се налути и ѝ се закани на „Република“ за пренесување текст објавен на друг портал, го цитира изворот, а тој, пак, се повикува на исказот на Орце Камчев во Обвинителството, за кој обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска потврди дека е веродостоен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.