Кога ќе пристигнат вакцините во земјава, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Брисел не добија конкретен рок, но на средба со еврокомесарот за управување со кризи побараа ЕУ што е можно поскоро да обезбеди вакцини за регионот за кои веќе се издвоени 70 милиони евра.

Изворите во Европската Комисија (ЕК), како што јави дописничката на МИА порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

-Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува, велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

За Македонија и за регионот ова значи дека „во наредните недели“ нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот “Механизам за споделување“ на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.

-Одлуката останува на владата во Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука, велат од Европската комисија за МИА.

Сепак во ЕК се оптимисти затоа што повеќето земји членки на ЕУ наскоро ќе почнат со втората доза вакцинација на нивното население, што би можело наскоро да значи и деблокирање на ситуацијата за Западен Балкан и останатите земји членки.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од своја страна, исто така се обидува да обезбеди доволно дози од земјите членки на ЕУ за соседството што е можно поскоро. Овие дози би биле приоритетно резервирани за медицинскиот персонал и најранливите групи. Ова вчера им го порачал и на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се состанаа во Брисел и бил “многу конкретен“, велат извори присутни на состанокот, за тоа што е потребно во знак на солидарност кон третите земји.

Доколку еврокомесарот успее да добие зелено светло за неговата иницијатива се очекува земјите од Западниот Балкан први да добијат вакцини пред останатите соседи на Унијата.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90717, бројката на оздравени пациенти е 78727, на починати е 2791, а бројот на активни случаи изнесува 9199.

Вчера, според податоците на Министерството за здравство, се регистрирани нови 63 случаи од направени 677 тестирања. Во истото деноноќие регистрирани се 573 оздравени пациенти и шест починати.

Во инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат 61 паеиенти позитивни и суспектни на коронавирус, а 320 во ковид центрите во болниците низ земјава. Слободни се 580 болнички кревети во ковид центрите.

Во последното деноноќие во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани осум нови пациенти. Вкупно 290 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.