Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на барање на ирската страна, имал видео-средба со државниот министер за европски прашања на Ирска, Томас Брн.

Како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, ирскиот претставник на Советот за општи работи на ЕУ изразил интерес за статусот на европското досие на Македонија, со акцент на напорите на португалското претседателство и нивниот предлог, како добра основа за надминување на предизвиците за усвојување на преговарачката рамка и пробив на евроинтегративниот пат во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ.

Димитров се заблагодарил за континуираната поддршка на Ирска за македонскиот евроинтегративен пат и се осврнал на посветеноста на европската агенда во клучните реформски области поради што е потребен неодложен старт на пристапните преговори, како и на посветеноста за отстранување на пречките во таа смисла.

Иако географски сме оддалечени, Ирска и Македонија се споредливи по однос на многу карактеристики, а особено по определбата да дејствуваат како конструктивни партнери во Европа. Таа поврзаност неминовно нѐ упатува на интеграција и обединетост во вредностите, што се стремиме да ја заокружиме со заедничка европска иднина под знамето на Европската Унија. Сакам да изразам благодарност на Даблин за одлучното застапување на европските принципи и заложбата за фокусирање на суштината на пристапниот процес, а тоа е усвојување на европското законодавство, вредности и стандарди. Од македонска страна, остануваме посветени на европската агенда дома како аргумент плус за одржување на поддршката на нашите ирски пријатели за процесот на проширување чие натамошно одолговлекување е неприфатливо бидејќи е на штета на заедничките интереси. Верувам дека силната заложба заедно со добра волја и свесност за влогот може да резултира со европско решение – истакнал Димитров.

Министерот Брн нагласил дека со оглед на исполнувањето на сите услови од македонска страна и огромниот влог за влијанието на ЕУ, од ирска страна има силна поддршка за што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција и заслужено отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој најавил поддршка за Македонија на сите претстојни состаноци на работните тела на Советот на ЕУ.

Во соопштението од СЕП се наведува дека соговорниците се согласиле дека отворањето на пристапните преговори претставува можност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, преку пренесување на плодното ирско искуство во процесот на трансформација, што во моментов се одвива преку силна техничка и експертска поддршка во рамките на ИПА-инструментите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.