„Уште кога започна овој процес, кога се интензивираа напорите на германското претседателство, кажав дека сум ок со тоа дека ако не може да ги отвориме вратите поради македонскиот јазик, нема да ги отвораме тие врати. Тоа го поставува прашањето колку е европска Европската Унија“ рече вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во Дневникот на Сител ТВ за недобивањето датум за почеток на преговори.

Тој додаде дека ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување, тогаш нам не ни треба таква ЕУ.

„Во Софија имавме детални разговори околу развивање на секторска соработка и разговори околу процесот на работа на комисијата за исторски и образовни прашања. Тоа на некој начин би требало да биде патоказот, билатерален документ што псоред португалскиот предлог би се разгледувал низ процесот на стабилизација и асоцијација“ рече Димитров.

Вицепремиерот додаде дека како предуслов за тоа било побарано од бугарската страна да кажат да за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција.

„Понудата беше врзана со зелено светло сега. Се разбира дека ние ќе продолжиме со напорите, но не можеме ова прашање да го решаваме парцијално како што одговара на една страна. Во Договорот за пријателство има и поддршка од бугарската страна на нашиот европски пат. Тешко е да ги помирите зборовите поддршка со зборот блокада или вето“ рече Димитров.

Тој додаде дека од целата ситуација губат сите – и ЕУ, ние, нашите соседи и целиот регион.

„Последните анкети покажуваат дека на прашањето за закана од некоја соседна држава, 46 проценти од македонските граѓани гледаат закана од Бугарија. Тоа е резултат на актуелната состојба, кој не е добра воопшто и не е добра ниту за македонско-бугарското пријателство“ рече Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.