Кумановскиот градоначалник Макдим Димитриевски вели дека никој не може да го враќа во партија од која никогаш не излегол, како реакција на изјавата на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој рече дека партијата ќе се обиде да го врати Максим Димитревски во своите редови. Димитриевски вели дека очекува да се реализираат оставките и кадровските смени во СДСМ и порачува дека нема да дозволи да биде дел од нечии игри за собирање политички поени.

Николовски изјави дека СДСМ ќе влезе во постапка во која ќе извлече поуки, ќе донесе многу одлуки.

Затоа што во партијата има и луѓе кои не се партиски членови, а се ставени во позиции да носат одлуки за граѓаните. СДСМ ќе направи се преку сите процеси и промени и верувам дека овој предизвик пред кој се наоѓаме ќе го решаваме сите заедно и дека обединети, со многу промени и детектирани слабости, ќе биде партија која ќе биде целосно подготвена за следните предизвици, изјави Николовски.

Димитриевски вели дека според статутот на партијата тој сè уште е член и порачува дека со нетрпение ја очекува седницата на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ на која ќе се разговара за неговиот статус, но и за погубните политики на дел од раководството.

На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно-клиентелистичкиот пристап кој треба да биде заменет со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанинот ќе биде пред партиско-личниот интерес. Ние ја добивме власта од граѓаните за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во Владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека ’зборот е збор‘, вели Димитриевски во реакцијата на Фејсбук.

Тој тврди и дека изминатиот период притисоците кон него и неговите поддржувачи биле огромни и доаѓале од луѓе кои се нарекуваат „негови сопартијци“.

Нема простор за разговор ниту договор со такви коишто срушија сè, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи. Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за коишто добивме доверба од граѓаните, притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела, порачува Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.