За Максим Димитриевски велат дека во моментов е најпопуларниот политичар во Македонија. Во интервјуто за „Република“ тој нагласува дека таквиот впечаток за него е голем комплимент кој мора да го оправда во иднина.

Се надева дека новото движење „За нашите граѓани“ ќе доживее успех бидејќи граѓаните тоа го препознаваат.

Целта на движењето е да излеземе од црно-белиот свет. Политичките субјекти се менуваат, или се левите на власт или се десните, а ништо не се менува туку само се влошува. Имаме цел да ги предизвикаме граѓаните и да им дадеме можност директно да учествуваат во едно граѓанско движење кое ќе биде насочено од граѓаните кон граѓаните и ќе генерира сериозни политики што ќе донесат подобро утре, зголемување на БДП, создавање на самоодржлива држава, доволно производство на храна за да се прехраниме, доволно енергија и развој на економијата. Без економија нема стабилна и силна држава. Потребно ќе биде да ги повлечеме националните црвени на државата, а со тоа и да го обединиме македонскиот блок и да потпишеме стратешки документ без да се гази по нашиот национален идентитет.

Движењето полека се шири низ цела Макeдонија?

Отворивме канцеларија во Куманово, формиравме здружение во Прилеп и Крушево. Целта е да се вратиме на суштинската македонска идеологија од АСНОМ и Крушево, она што комитите го започнале, а партизаните биле нивни континуитет и сме дошле до независност и сопствена држава која ја добивме на дланка како резултат на заложбите на нашите предци. Денеска се соочуваме да не можеме да опстоиме и сме ставени под притисок од разни страни кои имаат цел да го разнебитат македонското национално ткиво и успеваат во тоа. Секогаш сме предмет на уцена од страна на одредени партнери во власта кои по принципот на проценти и бројки секогаш добиваат се, а Македонецот од ден на ден се фрустрира. Создавање на мултиетничко општество е општество на создавање на еднакви права и можности, но и еднакви обврски. Ќе бидеме отворени за соработка со сите, граѓанскиот концепт ќе биде мултиетнички кој ќе има за цел да го обедини македонскиот народ и да ги обедини граѓаните.

Димитриевски најавува и учество на изборите.

Ние планираме да излеземе на изборите како политичко и граѓанско движење и да не ги делиме граѓаните по политичка определелба, но повеќе од јасно е дека по завршување на изборите ќе мора да се дефинираме како политички субјект. Тоа ќе го дискутираме со нашето членство и ќе донесеме одлуки.Тој што ќе влезе во ова движење нема да мора да се самоетикетира дека припаѓа на една или друга партија.

Предизборно не планираат да коалицираат со никого, а по изборите ќе размислат.

Предизборно планираме да настапиме со граѓаните. Сметаме дека ќе освоиме сериозен резултат, ама не сакам да зборувам за број на пратеници. Очекувам голема поддршка од граѓаните, а веднаш по завршувањето на изборите ќе оставиме простор за коалцирање со тие кои ќе прифатат најголем дел од нашите програми.

Димитриевски одговори и на гласините дека Бранко Црвенковски ќе го поддржи неговото движење.

На оваа тема со Црвенковски немам разговарано, но секој е добредојден. Јас се занимавам со политика и моја обврска е да комуницирам со сите.

Димитриевски е разочаран од моменталната власт.

Оваа власт ја навлече државата во тешка катарза, една голема безидејност и фрустрациите кај граѓаните се секојдневни, а резултатите на економски план погубни. Прв пат имаме зима во која не знаеме како ќе заврши, буџетот на семејствата е мал, а потрошувачката голема. Ако платата не е доволна да се помине месецот, тогаш оној кој управува со државата треба да се запраша каде греши. Од оваа власт не гледаме дека испорачува нешто конкретно. Јас верував во едно општество за сите и дека тој концепт може да биде спроведен. Оваа власт тој концепт го спроведе како општество за поединци. Поединци во власта живеат прекрасно, ги уживаат сите привилегии. На крајот на краиштата работите не врват и час поскоро ова мора да го промениме.

Тој сепак не е разочаран од СДСМ што не го поддржа на локалните избори.

Не сум разочаран, политиката е жива материја и животот оди понатаму. Како човек се имам вложено во таа партија. Официјално се водам во евиденција на членство иако бев исклучен од нивна страна нестатутарно. Јас не сакам да зборувам за минатото бидејќи во СДСМ има и прекрасни луѓе, но имаме раководство кое ја приватизира партијата и ја стави во нивна функција. Тие функционираат како акционерско друштво или како приватна фирма и тоа е недозволиво.

Димитриевски не бега од одговорност што го донесе Заев на власт.

Секако дека не може да се бега од одговорност. Јас бев составен дел од тој тим, силно верував во тие идеи и во движењето “нема правда нема мир“ и во концептот „едно општество за сите“, но во одреден период се разочарав бидејќи очекував дека нешто ќе се промени. Во континуитет се напаѓаа тогашните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Од моментот кога се дојде на власт, се претворивме во нешто полошо. Секоја власт, која и да дојде, владее уште полошо од претодната. Убеден сум дека нема да биде случај со нашето движење и ќе работиме отчетно и транспарентно како што работиме во Куманово. Дефинитивно сум разочаран од Заев, инаку не би се пријавил да бидам независен кандидат. Кога ќе се разочарате од поединци , од сите оние дадени интервјуа, многу ветено малку остварено, нормално е да се разочарувате. Но тоа е човекот, човекот еволуира низ својот процес на созревање.

Димитриевски опишува како е да се живее денеска во Куманово.

Во Куманово изобилува позитивниот дух, но жал сите тие фрустрации што ги доживуваме како граѓани кога слушаме дека Куманово го ослободиле Бугари како ќе се чуствувате. Што ќе кажат нашите предци, баба ми е уште жива, 94 години има и е жив сведок на историјата, како ќе чуствува. Граѓаните се депримирани. Куманово е поинаков, многу граѓани работат за странски компании, донесоа сериозни пари. Се обидуваме да ја раздвижиме индустријата, отворивме нова индустриска зона, имаме две нови инвестиции, разговараме за уште една нова, во фаза е отворањето на новиот погон на Дрекслермаер.

Тој е задоволен од првата година од новиот мандат.

Реализиравме околу 130 проекти, два нови кружни тока и реконструкција на стариот градски парк. Секој реализиран проект тргнува од општината и завршува во општината и даночните обврзници од градот. Имаме доволно финансиски средства и до крајот на мандатот ќе ги реализираме сите ветени проекти. Сакаме да воведеме и бесплатен градски превоз, сакаме оваа одлука да ја донесеме со консензус во Советот. Општината има финансиски капацитет да ги субвенционира давателите на јавни услуги на превоз. Јас не ветувам, јас реализирам.

Димитриевски нема дилеми дека Македонија треба да влезе во ЕУ, но со крената глава и со признаен јазик и идентитет и култура.

Не постои заедничка историја со Бугарија. Постои посебна историја која можеби во одредени моменти се судира во делот на интересите и како се толкува. Секој нека си ја чита својата историја, заемно да се почитуваме, да градиме добрососедски односи со соседите, и со другите развиени држави и да одиме напред.

Тој нема дилеми дека ако беше пратеник, немаше да гласа за уставни измени.

Иницијативата за референдум би ја поддржал. Ако дојде до референдум, апсолутно ќе излезам и ќе се произнесам. Сметам дека е недозволиво да се менува генезата на македонскиот народ за да се членува за да се членува во одредена асоцијација, па макар тоа да е ЕУ. Иако гледаме дека сме под постојан притисок, т.е убедување, никој директно на нас не врши притисок, но доаѓаат разни авторитети од ЕУ кои нѐ убедуваат и ни го гарантираат македонскиот јазик, а всушност македонскиот јазик и прашањето за јазикот се отвора во делот од преговорите како последно поглавје.

Со Димитриевски начнавме и поведри теми. Тој важи за човек кој добро пее и во младоста пеел во градскиот хор и за целото семејство вели дека се музички образовани.

И денеска практикувам со семејството на веселби и со блиско друштво да запеам. Омилена песна ми е „Абре Македонче“ во оргиналната верзија.

Димитриевски го следи и Светското првенство и има омилени репрезентации.

Го следам првенството, мислам дека Франција е фаворит, криво ми е што Германија испадна. Инаку отсекогаш сум навивал за некој од аутсајдерите или дебитантите што е многу тешко во оваа ситуација да испливаат на површина.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Игор Чавески

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.