„Да ви честитам на вас сите, и на сите граѓани и граѓанки на Македонија слободна, суверена и самостојна Македонија“. Овие беа зборовите на нашиот прв претседател на државата покојниот Киро Глигоров на 8 Септември далечната 1991 година кога ни ја честиташе независноста на државата. На овој ден пред 30 години граѓаните на референдум одлучија за осамостојување и за формирање на самостојна и суверена Македонија. По спроведениот референдум претседателот Глигоров изјави: „Организиравме демократска држава врз основа на слободни избори, правна држава и цивилно општество. И покрај тоа, се трудиме да ги создадеме сите услови за мирен меѓунационален соживот во Македонија.“

Денес, 30 години потоа овие зборови на Глигоров имаат многу големо значење. Дали научивме од нашите грешки или дали ги повторуваме? Дали научивме што е демократија или се уште учиме? Во тие 30 години имавме подеми и падови, успеси и блокади, конфликти. Тешки години помина оваа земја и се уште ги живее годините на неизвесност. Носење на мудри одлуки и почитување на различно мислење е нешто што претседателот Глигоров го имаше како основа во своето лидерство, не научивме да ги применуваме сега во политиките. Оваа земја мора да ги политува различностите, слободата на изразување и демократското право за определување. Без тоа нема држава!

Ова во својот говор на одбележувањето на 30 години независност го порача градоначалникот на општината Максим Димитриевски. Порача дека оваа 30 годишнина ни дава за право да кажеме дека немаме друга опција од онаа да ја направиме оваа држава пристојно место за живеење.

Немаме друга опција освен да го решиме целосно криминалот и корупцијата коешто секојдневно не гази. Немаме друга опција освен да дадеме се од себе за демократски амбиент во оваа држава. Да се почитува различното и туѓото мислење. Ние немаме време за чекање, немаме време за повторни грешки затоа што народот е уморен од битки кои немаат победа, туку имаат продолженија на состојбата на беспомошност.

Јас на 8 Септември со генерацијата луѓе имав 16 години и за мене тој чин беше можност да се развивам во независна Македонија. Имав елан и желба да ги менувам работите, да бидам дел од сонот за независна држава. Но, сега ако прашате некој 16 годишен каков сон има, првиот одговор е да си оди од државата. Поразително за нас. Каков пораз е тоа за секој родител да си го гледа сопственото дете како сака да замине од родното место. Ние имаме обврска кон младите генерации да ги смениме работите на подобро, а не да оставаме на нив големо бреме за кои не се должни да го носат, рече Димитриевски.

Ова е време на големи одлуки, вели Димитриевски, време кога не треба да седиме на страна и мора да се бориме за подобар живот за сите.

Ова е време на борба со искривени вредности, ова е време кога на народот мора да му се врати надежта што се изгуби. Мора да покажеме дека секогаш може подобро и поинаку. Да покажаме дека имаме храброст да ги промениме работите и по 10 години кога ќе погледнеме назад да се гордееме.

Јас се гордеам со мојот град. Се гордеам со мои кумановчани. Револуционерно Куманово е пример за тоа како е да се живее во мултиетничка содржина. Куманово е град кој ги почитува сите граѓани и им дава еднакви можности на сите за развој. Куманово е град на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи и сите кумановчани кои живеат во него и кои негуваат меѓусебна грижа, почит и разбирање. Куманово е град на демократски вредности, каде се почитува и вреднува секое различно размислување. Град на солидарност и хуманост. Град на борба и град каде пукна првата пушка. За тоа се бореа нашите претци, за тоа ќе продолжиме да се бориме и ние.

Наше Куманово е град каде изминатите години се вложуваше многу да се смени сликата на подобро. Покажавме дека со чесен пристап може да се направи тоа. Ветувам дека и во следниот период ќе продолжиме да инвестираме затоа што кумановчани заслужуваат да живеат во еден модерен и европски град.

Би сакал оттука да упатам огромна благодарност на сите досегашни претседатели на нашата држава, на неколкуте досегашни владини состави, како и до сите членови и пратеници во Собранието кои овие 30 години и служеа и сѐ уште и служат на нашата држава.

Нека ни е честит Денот на Независноста! Да ја чуваме и унапредуваме оваа наша заедничка држава! Таа чека на нас! За подобро и поубаво Куманово и за просперитетна наша Македонија!, порача во својот говор Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.