Градоначалникот Максим Димитриевски е уверен дека успехот на иницијативата „За наше Куманово“ на локалните избори, може да биде успех и за „За наша Македонија“ на централно ниво. Во интервју за Прес24, тврди дека засега иницијативата е само идеја, но нема дилеми дека на државата и се потребни промени.

Зошто оваа иницијатива. Мој впечаток е дека кај граѓаните постои презаситеност од 30 годишното владеење на два политички субјекти во македонскиот политички блок и 20 годишно владеење од еден политички субјект во албанскиот политички блок. Едноставно, граѓаните бараат промена и излез од црно-белиот свет, бараат луѓе кои во нивно име ќе ја водат и управуваат со државата, но при тоа главниот приоритет ќе биде граѓанинот и неговиот подобар живот, вели Максим Димитриевски во интервјуто за Прес24.

Иако јавноста во оваа иницијатива препознава поврзаност со поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, Димитриевски негира. Со
Црвенковски подолг период немал контакти, но е во коректни и професионални релации е, но за оваа иницијатива идејата дошла од негови сограѓани.

Јавноста ме препознава како искрен и директен политичар кој одговара на сите прашања. Веќе два пати ви одговорив на ова прашање. Иако инсистирате, одговорот останува ист. Господинот Црвенковски е еден од основачите на СДСМ, поранешен претседател и премиер на Република Македонија и човек со политичко искуство од којшто може многу да се слушне и научи. Во оваа иницијатива секој со искрени намери е добредојден. Но повторувам, господинот Црвенковски до овој момент не е дел од оваа иницијатива. Моите релации со Црвенковски можам да ги оценам како професионални и коректни, вели градоначалникот на Куманово во интервјуто.

Димитриевски во интервјуто зборува и за тоа како и кога почнале поделбите во СДСМ, кои се вистинските причини за неговото разидување со
Заев и со актуелното раководство на партијата.

Навистина сум неразделен од социјалдемократијата. Но, основните столбови, државотворните политики и вистинската социјалдемократска идеологија ја напушти раководството на СДСМ. На 27 април се борев за рушење на 11-годишниот режим и диктатура на Груевски. Верував во подобро утре и се надевав дека можеме да смениме многу работи во државата. Искрено верував во паролите „Живот за сите“ и „Нема правда, нема мир“. Ништо од тоа не се случи. Ни во сон не мислев дека малата партиска врхушка на СДСМ ќе прерасне во една коруптивно-мафијашка влада која исклучиво ќе работи за своите интереси и своите фотелји, вели Максим Димитриевски.

Договорот со Бугарија според него е нешто што не е карактеристика на полтиката на СДСМ и со тоа не можел да се помири.

Немам ништо против бугарскиот народ, го почитувам, имам многу блиски и искрени пријатели помеѓу нив, но имам против изјавите на актуелните бугарски челници, за негирање на македонската нација и јазик. Во 21 век, почитувајќи ги европските нормативи, тоа е неприфатливо, таквите недолични акти потребно е да бидат осудени од официјална Европа, вели Максим Димитриевски во интервју за Прес 24.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.