Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во Студио 10 на Телевизија 24 истакна дека над 75% има реализација на програмата за работа како градоначалник и е подготвен да ја побара поддршката од граѓаните за втор мандат.

Во врска со насилството коешто се случи во Собранието на 27 април 2017 година, тој потенцираше дека има одреден дел на лица кои учествуваа во тој настан кои одговараат денеска, но сценаристите или режисерите на тој настан не се тука, исчезнале, ги нема и треба да одговараат сите.

„Не може да имате состојба во државата во која имате по тој случај селективна правда. Имате пратеници коишто се амнестирани, се скрија зад политичките позиции кои ги имаа во тој момент, ние кои бевме таму најдобро знаеме и кој ги предводеше толпите. Оној којшто поттикнува, насочува е исто така одговорен. Имаше организирано сценарио. Или ќе имате процесуирано процеси за сите или пак ќе ги амнестирате сите. Но, тоа оставам на правосудните органи. Јавноста треба да знае што се случува. Тоа беше сплет на околности. Имавме една сцена кадешто се боревме за животот. Не им замерувам на оние кои психички и физички ме повредија, но многу повеќе им замерувам на оние кои го мотивираа сето тоа и го организираа. Да бидете во една ситуација да ја гледате полицијата како немо следи и набљудува што се случува, не интервенира и чека команда – прво, неморално е, неетички да седите како професионалец и гледате дека е загрозен животот, а вие не преземате ништо. Ги следам изјавите на сите мои колеги кои се учесници во целиот настан и ги оправдувам истите. Но, она што според мене е суштински и пресуден, многумина коишто тогаш не беа во тие тешки моменти во Собранието, денеска се во високи врвови на власта, водат сериозни ресори и се доживуваат себеси како поголеми херои од сите тие кои учествуваа во тие настани и имплементираат лоши политики“, изјави Димитриевски и додаде дека дел од тие луѓе коишто биле внатре и изложени на сите тортури и притисоци повеќе ги нема или не се застапени во било кој сегмент од власта, што претставува голем пропуст и таа грешка мора да се поправи во иднина.

Во емисијата, Димитриевски информираше дека има добиено поголем број на случаи.

„Досега како сум градоначалник има над 40 истраги од страна на Министерството за внатрешни работи, Обвинителството итн. Сите истраги се завршени, нема процесуирано никаква постапка и среќен сум за тоа. Ова значи дека луѓето со кои работам работат професионално, бидејќи одговорноста не е првенствено на градоначалникот, туку е на самите службеници, а на крајот и на градоначалникот како потписник на некој акт. Се работи по закон и сами побаравме од Државниот завод за ревизија како општина да се изврши комплетна контрола и ревизија на работењето на општината, на јавните претпријатија за да видиме дали случајно некаде имаме во текот на работата грешено. Едно е да погрешите со намера и умисла, а друго е да погрешите случајно. Ќе видиме кога ќе заврши ревизијата. Ја поздравувам работата и на ревизорите и на професионалците, но единствено сметам дека многупати се злоупотребуваат ваквите постапки за да пред да биде донесен одреден акт – вие во јавноста бидете анапенисани, преку одредени медиуми кадешто ќе ви пуштат одредени спинови и ќе ве направат предвреме виновен“, изјави Димитриевски.

Тој истакна дека таков бил случајот со тужбата против ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тогашен претседател на општинско ниво кои одржаа прес-конференција за настан во кој бил нападнат на семејна веселба.

„Ми уплатија еден денар оштета, сега го очекувам и извинувањето. Тоа е некоја морална сатисфација за да се види вистината. Ист е случајот и со поднесената кривична пријава во однос на ковид кризата кога бев заедно со членови од штабот ставен во самоизолација, а подоцна направивме тестирање. Истиот случај беше отфрлен од страна на Основно јавно обвинителство. Се води обвинение против службени лица во Обвинителство за организиран криминал во коешто имам искрено голема доверба како обвинителска институција во државата и ја поздравувам нивната работа. Сите процесуирани предмети ќе се водат по закон, затоа што законот е единствен којшто треба да ја има суштинската улога во делот на заштита на правата и на можностите на сите единки кои живеат во државата. Македонија треба да направи сериозен правосуден систем, сериозни трансформации и точно да се знае кој и како може да го работи согласно законот“, рече Димитриевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.