Куманово нема да ги смениме спомениците каде пишува бугарски фашистички окупатор, затоа што над 1.000 борци ги дале своите животи за денешната слобода, рече градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Во Куманово, нема да ги смениме спомениците каде пишува бугарски фашистички окупатор. Факт е дека во Куманово над 1.000 луѓе во Втората светска војна ги изгубија животите, од кои најголем дел токму од тој бугарски фашистички окупатор. Јас, исто така, не можам да негирам и дека Отечествениот фронт од Бугарија е на страна на нашите сојузници. Сепак, Бугарија треба да биде свесна за тоа и јавно да се извини и да продолжи понатаму. Во спротивно, ако се осмелите да менувате табли, ќе ве осуди сопствениот народ пред сè, а потоа и оние кои ги дале своите животи за денес да имаме сопствена држава, рече Димитриевски на ТВ 24.

Бугарија, која минатата недела стави вето на преговарачката рамка за почетокто на пристапните преговори на македонсија со ЕУ, меѓу другото инсистира и да не се користи терминот бугарска фашистичка окупација, туку бугарска администрација во Втората светска војна.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата на 26 ноември кажа дека досега се сменети дваесетина плочи, на дел од кои пишувало „бугарска фашистичка рака“ или „бугарски фашистички куршум“, а сега останува „фашистички куршум“ или „фашистичка рака“.

Тој смета дека крајно недемократски е да се спречува една држава да стане член на ЕУ, бидејќи Македонија и географски, но и суштински припаѓа на Европа и нашето место е таму. Според него, ние како држава во ниту еден момент не смееме да дозволиме да си го погазиме сопственото битие, бидејќи Македонија е суверена држава, со суверен народ и етнички заедници кои се стремат да бидат полноправни членови на ЕУ.

Градоначалникот на Куманово пред еден месец, на министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов му го врати ореденот што го добил од него пред две години, по повод 100-годишнината од Првата светска војна, поради неговите омаловажувачи изјави кон македонскиот народ и држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.