Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата „Став“ на Телевизија Плус Куманово информираше дека откако е градоначалник општината е целосно раздолжена со решавањето на финансиските проблеми.

„Кога дојдов на позиција како градоначалник Општината беше во децениски долгови. Успеавме во првите две ипол години да ги санираме тие финансиски проблеми. Само тековните обврски на општината беа околу 870 милиони денари, или повеќе од 11, 12 милиони евра, вклучувајќи ги и доспеаните камати. Денеска Куманово има стабилен буџет и стабилна сметка. Ако затековме долгови заедно со јавните претпријатија приближно некаде околу 20 милиони евра, денеска општината е целосно раздолжена. Единствена општина сме во државата која што успеа финансиски да се деблокира и денеска на овој ден точно Куманово има на жиро сметка свои сопствени средства околу 2 милиона евра коишто планираме да ги инвестираме во нови инвестиции, согласно развојната програма којашто ја носи и усвојува Советот на Општина Куманово“, потенцираше Димитриевски.

Во емисијата, Димитриевски потенцираше дека во Куманово се изградени околу 20 километри подземна гасоводна мрежа со сопствени средства на граѓаните од овој град.

„Ние сме единствен град во државата која има суштински воведено гас. Покрај нас има Струмица, но нивниот концепт на работа е друг. Тие носат компримиран гас од Бугарија и го дистрибуираат до граѓаните. Додека кај нас, ние сме приклучени на главниот цефковод којшто е во државата, под владение на Гама. Имаме неколку гасни станици и со сопствени средства ја шириме гасоводната мрежа. Тоа е едно од најсериозните претпријатија и најперспективни во градот. Граѓаните може да добијат гас и приклучок на гас на сите оние локации кадешто имаме изведено секундарна и терциерна гасоводна мрежа на тие 20 километри. Процедурите за приклучок одат многу споро и тоа е главниот проблем. Побаравме измена на правилникот и законот, бидејќи се чека согласност и од Министерството за внатрешни работи и самите постапки се спори. Инаку, ако сакате да приклучите гас во секој момент добивате субвенција од општината во износ од 250 евра, од вкупниот приклучок кој чини во зависност од 700 до 800 евра. Треба да изработите технички елаборат, за вашиот објект на којшто сте сопственик и приклучување до цефката која поминува до вашата врата или улица. Имаме сериозни планови за јавното претпријатие Куманово Гас. Во моментов државата води постапка и бара стратешки партнер којшто ќе влезе во делот на целосна гасификација во државата, а ние како општина бидејќи имаме наше претпријатие треба да се произнесеме. Добивме писмо од Владата дали ќе одиме на јавно приватно партнертство со тој инвеститор којшто ќе влезе, ќе продолжиме гасификацијата да ја развиваме со сопствени средства или ќе одиме со целосна продажба. Моето мислење е дека јавното приватно партнерство можеби е едно од најдобрите концепти и не би одел во никој случај на продажба на тоа претпријатие“, истакна Димитриевски.

Во однос на патната инфраструктура во населените места, Димитриевски посочи за да може градот да функционира, мора селата да бидат силни. Тој изјави дека општина Куманово тргна во интензивна акција за подобрување на условите во селата, понатаму во приградските населби и на крајот ќе се почне со реализација во градот – кружниот тек на раскрсницата помеѓу булеварот Трета македонска ударна бригада и Октомвриска револуција. Во моментов, се пробива и реализира ул. 11 Ноември за да се намали метежот во сообраќајот.

„Она што е најважно во Општина Куманово интензивно се работи и гради. Изградивме три најсовремени и модерни спортски капацитети. Во трите училишни спортски сали кои претходно биле изградени, дел од нив со помош на Министерството за образование и наука, но, најголем дел со сопствени средства со парите на граѓаните. Со тој интензитет и темпо ако продолжиме да работиме ќе успееме целосно да го промениме ликот на нашиот град“, рече Димитриевски.

За случајот со поранешниот директор на ДПИ Стојко Пауновски, кој Димитриевски лично го познава и почитува, кажа дека го разбира и станува збор за врвен професионалец.

„На професионалните местото им е во професионалните институции. Ги разбирам одлуките, но сепак не треба да се отпуштаат вакви професионалнци во интерес на создавање професионални институции. И јас исто така би постапил. Камо среќа ние кои менаџираме во институциите и кои имаме добиено голема доверба од граѓаните и одговорност, да имаме поголем број луѓе во системот внатре кои конструктивно ќе ни пркосат и нашите решенија и резултати ќе бидат многу повидливи“, додаде Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.