Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, во вечерашното гостување на Топ Тема на телевизија Телма изјави дека уште е член на Социјалдемократскиот сојуз.

Тој потенцираше дека досега не разговарал со никого од политичките партии, но ја бара поддршката од сите граѓани.

Секоја поддршка е добредојдена, кога сме граѓанска иницијатива, од било која политичка партија без разлика од македонскиот или албанскиот политички блок. Нам ни се важни граѓаните, нам не ни се важни политичките субјекти. Политичките и идеолошките убедувања се една работа, локалните проблеми и политики се друга работа. Немам разговарано со никој, очекувам поддршка затоа што сметам дека сум најдоброто решение за Куманово и сметам дека можам успешно да менаџирам со нашиот град. Нема да коментирам инсинуации, лаги и невистини, ние зборуваме за конкретни дела. Граѓаните добија многу ветувања овие избори, одредени кандидати ја направија цела Македонија на изборите. Ние велиме ќе правиме толку колку што е реално и можно“, рече Димитриевски.

Димитриевски посочи дека е член единствено на една политичка партија, но нема обврска да застанува на ничиј митинг, а многу пати бил повикан на различни форуми кои не биле во организација на неговата политичка партија и присуствувал.

Но, она што е најважно мојата идеологија е социјалдемократска. Ќе направам се мојата партија да се реформира во целост и да биде демократска партија, бидејќи ги изгуби принципите на државотворност и демократија. Ќе го вложам својот максимум да ја вратам партијата таму кадешто треба. Тука е статутот нека одлучуваат органите и телата на партијата, но она на што денеска наликува лидершипот на мојата партија беше нешто против што во минатото се боревме и тоа се апострофира многу негативно на план во Куманово особено со злоупотреба на МВР како институција под раководство на Оливер Спасовски“, истакна Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.