Како Македонец, не сум за ваква Европа. Јас сум за Европата на Шуман и Моне, за Европа којашто подразбира толеранција, взаемно почитување, вреднување на вредностите на секоја една етничка заедница, секој народ да се изјасни така како што сака, а не всушност Европа на Борисов и Петков, а најмалку еден Радев што ни наметнуваат нешто што никогаш не сме се ни чувствувале, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во вечерашното гостување во Дневникот на телевизија Сител, коментирајќи го последниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија со цел да се отпочнат преговорите за ЕУ интеграција на Македонија.

Димитриевски им порача на граѓаните да не молчат, велејќи дека во моментов молчењето е подеднакво исто како и срамот, давајќи поддршка и легитимност на протести втор ден по ред се одржуваат пред Владата.

– Повеќе од јасно е дека граѓаните не се задоволни и протестите се легитимни. Ги поздравувам сите граѓани, тоа е демократски начин да се искаже своето незадоволство. Старите луѓе велат “Најдобро е човекот да молчи”, но во моментов оној којшто молчи е подеднакво исто молчење со срамот. Не треба да се молчи бидејќи Македонија се наоѓа пред исклучително голем ризик да влезе во една замка којашто на долгорочно ниво ќе го блокира нашиот евроинтегративен процес, којшто доколку сакаме да го одблокираме ќе мораме да направиме неколку пропусти, вели тој.

Според него, ова е последица на договорот за добрососедство во Бугарија којшто во континуитет е прекршуван од Бугарија која наместо да ја поддржува Македонија, ја блокира во нејзините ЕУ интегративни процеси.

-Искрено очекував ваков епилог бидејќи сето она низ што поминувавме изминатите месеци и откога почетно се потпиша договорот за добрососедство во Бугарија којшто беше скриен навидум за јавноста, а потоа и објавен, а во континуитет Бугарија го прекрши истиот договор бидејќи таму стои дека Бугарија ќе ја поддржува Македонија во нејзините ЕУ интегративни процеси. Всушност ова не е поддршка, туку блокада. Тој договор според мене е многу сериозно спорен и на истиот тој договор потоа се базираат неколку документи, истакна Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.