Има година дена откако е донесен Законот за следење на комуникации во кој се регулирани две најважни работи за надзорот, а тоа е експертска поддршка во работата на надлежната Комисија и граѓански совет за контрола, вели Емил Димитриев, прв човек на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Димитриев учествуваше на дебата на тема безбедност и бездебносни служби на емисијата Детектор на телевизија Сител.

И покрај тоа што се дефинирани овие две целини важни за надзорот, тие не функционираат целосно, одосно не се екипирани. Како што истакна Димитриев, тој барал од претседателот на Собранието минимален буџет од 20-30 илјади евра на годишно ниво за да почне процедура на селекција на експерти во граѓанскиот совет.

Собранието во ова многу доцни. Сега има четворица експерти, а граѓанскиот совет за контрола и надзор брои седум лица. Телото не е екипирано што кажува дека надзорот е на проблематично ниво, рече Димитриев.

Претседателот на Комисијата, кој е поранешен премиер, укажа дека опозицијата во процесот е проактивна.

Меѓутоа, власта мора да обезбеди соодветни законски решенија за да изградиме еден добар систем на надзор, треба нешто што ќе функционира постојано. Треба систем кој ќе функционира континуирано како во ЕУ, но ние сме прилично назад, посочи Димитриев.

Во контекст на бројките од истражувањето што се однесува на безбедносната сфера кои велат дека најголемиот број на граѓани или околу 45 проценти веруваат дека полицијата работи професионално и дека околу 76 проценти се чувствуваат безбедно, Димитриев вели дека тоа покажува дека граѓаните градат однос кон институциите.

Безбедноста е нешто што треба да го испорача секоја држава за граѓаните. И тука нема простор за влијание на политиката, нема простор за криминал, корупција. Тоа е област која е лабава и најмала закана може да направи голема дисторзија во целиот систем зошто се задира во човекови права. Добро е што народот ги апстрахира персоналните решенија и верува и гради однос кон конкретни институции затоа е висока поддршката, истакна Димитриев.

Говорејќи во контекст на извештајот од Европската комисија, Димитриев укажа дека очекува забелешки во овој сектор, бидејќи како што информираше најавена е забелешка за доцнење на Законот за следење на комуникации во делот на надзорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.