Државната изборна комисија на денешната седница ги одби сите шест приговори на Левица поради тоа што партијата во прилог не доставила материјални докази.

Претставникот на Левица рече дека се свесни за својот пропуст со немање докази, но дека сепак како помала партија без многу ресурси не можат да ги обучат своите кадри и набљудувачи, но сакаат да укажат на неправилности. Претседателот на „Левица“, Димитар Апасиев, најави дека за одбиените приговори ќе следуваат тужби до Управниот суд.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски рече дека тие мораат да работат согласно Изборниот законик.

Левица имаше поднесено шест приговори од кои четири за Штип и два за Кисела Вода.

Отфрлен е и приговорот на партијата Твоја поради тоа што е поднесен по рокот.

Претходно, членовите на ДИК со четири гласа „против” и три „за” го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.

Претставнилот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО. Исто така, беше наведено дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата. Членовите на ДИК од ДУИ и СДСМ посочија дека во записникот нема забелешки за текот на гласањето, така што нема основ за поништување на гласањето.

ДИК не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени” на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на локалните избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.