Документите на турската влада што ги добила невладината организација „Нордик монитор“ покажуваат дека турски дипломати во Скопје шпионирале критичари на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Како што велат од невладината организација, шпионирањето било изведувано во рамки на обидите на официјална Анкара да ги зголеми шпионските активности во другите земји за да ги казни Турците што имаат спротивставени ставови на турската влада.

Документите испратени во Турција од турските дипломати довеле до истрага за тероризам на критичарите по измислени обвиненија спроведени од турски обвинител.

Документите во кривична постапка укажуваат дека турската амбасада собирала информации за турски и за македонски граѓани за кои се верува дека се поврзани со движењето Ѓулен/Хизмет, група критична кон претседателот Ердоган, како и дека турски просветни работници, претставници на локални здруженија, бизнисмени и членовите на нивните семејства што живеат во земјата биле шпионирани од турски дипломати.

Информациите пријавени до Министерството за надворешни работи во Анкара подоцна биле искористени во кривично обвинение за тероризам поднесено од страна на турскиот обвинител Адем Акинџи.

Според одлуката на Акинџи од 24 декември 2018 година, главниот јавен обвинител во Анкара покренал посебна истрага за 78 невини лица што биле наведени во досиејата за шпионажа испратени од турските дипломати во Скопје без конкретни докази за погрешно постапување. Нив Акинџи ги обвинил за „членство во терористичка група“.

Овие досиеја до Министерството за надворешни работи можеби биле доставени од Тулин Еркал Кара, тогашната турска амбасадорка во Скопје, меѓу 2016-2019 година, вели Нордик монитор. Кара беше избрана за заменик од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во 2013 година и служеше во турскиот парламент помеѓу 2011-2015 година. Една година подоцна, таа беше назначена од претседателот Ердоган за негов пратеник во Македонија, во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.