Претседателот на Собраниетo Талат Џафери денеска на маргините на состанокот на високо ниво на спикери на парламенти на земји членки на НАТО, оствари средба со првата потпретседателка на Националното собрание на Француската Република, Валери Рабо на нејзино барање.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Џафери ја поздравил реафирмираната посветеност на Франција за регионот, согласно Стратегијата за европска интеграција на Западен Балкан, со што се потврдува стратешката ориентација за полноправно членство во Европската унија. Рабо била информирана за актуелните случувања на полето на евроинтеграциите во земјата, како и за преземените активности за помош и поддршка на Украина.

Потпретседателката Рабо, како што соопштуваат од собраниската прес-служба, го поздравила одржувањето на оваа средба, особено по испратените пораки на претседателот Џафери во неговото обраќање на состанокот, за поголемо обединување и заедничко делување во рамките на НАТО. Од страна на Рабо е потенциран концептот на претседателот Макрон за развој на Европската унија и унапредување на евроинтегративниот пат на земјите кандидати и искажана е поддршка за следните чекори што треба да се преземат во Македонија за продолжување со процесот на преговори за членство во Унијата.

Соговорниците биле согласни дека соработката меѓу двата парламента треба да продолжи преку Групите за пријателство и соработка и да се унапредува во иднина. Претседателот Џафери иницирал подигнување на соработката на повисоко ниво на претседатели на парламенти, преку остварување на билатерални посети во Скопје и Париз оваа година, со неговата колешка во Националното собрание на Француската Република, Јаел Брон Пиве.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.