Убаво, празнично е пред Божик во Крушево. Така беше на петти јануари во вечерните часови во центарот на Крушево. Веселата атмосфера и покрај студеното време, посната трпеза, топлите напитоци и исчекувањето ја красат атмосферата пред Божик во историско Крушево. Историско е и во своите трдиции. Со гордост, малку срамежливо, крушевчани упатуваат на уникатната традиција. Го навестуваат големиот христијански празник- Христовото раѓање – Божик. Со вековната традиција „Дева – во чест на новото раѓање“.

Лицата и на младите и на возрасните се празнични. Го привлекуваат вниманието на бројните посетители и на туристите. Тие, пак, искрено се прашуваат – каква е уникатната традиција што ги собра на плоштадот „Никола Мартиноски“, пред новогодишната елка.

Младите демонстрираат вековна традиција. Велат, само во Крушево, па дури до Витлеем.

Предбожикни песни, навестувањата, голем број изрботени шестокраки црвени ѕвезди. Велат, како онаа во Витлеем кога било навестено Исусовото раѓање.

Веќе седма година, организирано, крушевските средношколци од училиштето „Наум Наумоски Борче“ потсетуваат на вековната уникатна предбожикна традиција во Крушево. Да остане довека.

Шест млади момчиња, носејќи ја црвената ѕвезда се упатија пред секоја крушевска порта. Затропаа. Ја пееја „Дева, Деване“. Добија благослови и, секако, пари. Таков е вековниот адет. И сѐ така, додека не се поминат портите во таа петтојануарска ноќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.