Со голема горчина ги примам актуелните изјави на нашите сојузници за кршење на меѓународното право од страна на Русија. Ми иде на ум народната поговорка: со свој камен по глава. Истите овие ликови ни се потсмеваа во лице откако на Суд докажавме дека Грција ја крши Времената спогодба спрема нас, реагира професорот по меѓународно право Тони Дескоски по изјавите на осуда за руското признавање на украинските области Доњецк и Луганск како независни држави.

Или можеби Меѓународниот суд на правдата не пресуди дека има повреда на меѓународен договор?

Не го одобрувам потегот на Русија, но неконзистентноста се плаќа. Изненадувачки брзо.

А од вчера натаму, животите на сите нас ќе ни се влошат. Барем за некое време. Се плашам дека ова ќе биде долг и исцрпувачки судир, во кој никој нема да има корист“, напиша на својот фејсбук-профил универзитетскиот професор Дескоски кој беше дел од тимот што ја застапуваше Македонија кога пред Меѓународниот суд во Хаг го добивме спорот против Грција за нарушување на Времената спогодба.

Западноевропските држави вчера и денеска масовно го осудуваат потегот на Владимир Путин да ги признае Доњецк и Луганск како прекршување на меѓународното право.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.