Не доставија и не ги презентираа забелешките. Избегаа од средбата. Кажаа само 2 предлога, ние продолживме со средбата. За јавна дебата се согласивме, но нивното барање за Јовески не е основано. Претходно бараа претставници од ЕУ и САД и тогаш не побараа присуство на Јовески. Не беше договаран овој формат. Ова е уште едно нивно несериозно однесување, едноставно јасно е дека не сакаат да соопштат јавно пред сите партии дека нивната цел е запирање на сите предмети од СЈО.

Вака министерката за правда, Рената Дескоска го искоментира напуштањето на претставниците на ВМРО ДПМНЕ на средбата за преговори за Законот за ЈО, откако таа го одби нивното барање да го повика државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, да учествува во конструирање на законот.

Таа додаде дека со останатите партии е договорен нов состанок на кој ќе дадат свои предлози, а ќе има и јавна расправа.

ВМРО-ДПМНЕ има време да биде дел од преговарачкиот тим, во спротивно ќе имаме впечаток дека не поддржуваат реформи во правосудството и расчистување на криминалот. Јовески ќе биде дел од јавната расправа и не гледам тука што е спорно. Тој беше дел од работната група и ќе биде дел од таа расправа со експерти од оваа област. Јовески го знае предлог-текстот, а ова што тие го користат него како лошо алиби е уште еден обид за напуштање на преговорите – оцени Дескоска.

Според неа, не е коректно иднината на државата да се стави на коцка и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе бараме 2/3 мнозинство и поддршка од сите партии. Имаме подршка од ДУИ, а конструктивна поддршка покажаа и независните на ВМРО. Ако не постигнеме консензуз за квалитетен закон, нема да го носиме. Затоа ги повикувам сите групи да се вложат и да го подобиме текстот на законот – нагласи Дескоска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.