Министерството за правда сериозно го разгледува мислењето од Венецијанска комисија за Законот за употреба на јазиците. На тоа ќе работи мешовита работна група од повеќе министерства, а постои и можност дадена од самата Венецијанска комисија за доразјаснувања на одредени препораки – изјави денеска министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.

Често пати тоа мислење беше неправедно презентирано во јавноста бидејќи содржи и многу позитивни ставови, кои се однесуваат на Законот за јазици и секако содржи препораки за подобрување на законската рамка. Дел од она што значи укажување на Венецијанската комисија за одредени прашања во пракса не произведуваат проблем, една од нив е да се намалат висината на казните кои што треба да ги плаќаат институциите, а законот не предвидува граѓаните да плаќаат казни. Тоа беше една лоша пропаганда од страна на недобронамерни луѓе во нашата држава. Комисијата укажува дека таа казна треба да биде намалена – изјави Дескоска.

Таа посочи дека е донесен Закон за прекршоци кој е двотретински и сега целото законодавство се усогласува со законот за прекршоци, не само Законот за јазици.

Сметаме дека сериозно треба да се разгледа мислењето на Венецијанската комисија. Премиерот најави дека ќе биде формирана мешовита комисија од повеќе институции што е во ред. Така што во таа работна група Министерството за правда го дава својот максимален професионален придонес. Мислам дека нема да има тешка работа, единствено ќе биде проблем да се усогласиме за различно толкување на одредени ставови од различни институции. Но, затоа Венецијанската комисија даде можност дека можеме да контактираме со неа за доразјаснување на одредени препораки доколку има проблем и тоа е пракса што се случува со сите мислења по закони – појасни Дескоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.