Министерката за правда Рената Дескоска попладнево на прес-конференција ги повика судиите и вработените во судската администрација наместо само за плати да го кренат својот глас и за случаите во кои има застарување на одредени судски постапки или криминал во редовите на судството.

Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејствија во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видео клипот кој го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација, рече Дескоска.

Таа ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството, но најави и сериозни разговори со Европската Унија за целосен ветинг на судството.

Потребни се постапки со кои судството ќе се врати на листата на институции со доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што се се направи со алоцирање на средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење, нагласи Дескоска.

Според неа, Министерството за правда нема надлежност да разрешува судии, бидејќи за тоа се надлежни Судскиот совет и Јавното обвинителство.

За кривичните дела кои ги прават судиите надлежно е Јавното обвинителство и очекуваме да делува, а за нивното нестручно работење надлежен е Судскиот совет и тие треба да се борат заеднички да го вратат дигнитетот на сопствената функција и професија, потенцира Дескоска.

Во однос на висината на процентот за додатоци на плата за судиите и судската администрација, министерката Дескоска појасни дека одлуките за тоа се носат во рамки на Судскиот буџетски совет, кој е независно тело, но оти зачудува начинот на линеарна исплата на додатоците на плата.

Ние создадовме законска основа за користење на додатоците на плата во судовите и за судската адиминистрација и за судиите, но тие се додатоци за зголемен ризик, зголемен обем и доверливост. Она што зачудува во изминатиот период е начинот на исплата на додатоците којшто се врши линеарно со што се доведува во прашање основот за исплата. Дали кај сите судии и кај сите вработени во судската администрација постојат истите основи за доверливост, истиот обем за работа и истиот ризик врз основа на кој се исплаќаат додатоците, праша Дескоска.

Таа рече дека додатоците најверојатно се исплатуваат линеарно заради „мир во куќа“, иако има судии кои се во ризик со одредени предмети и има судии кои не судат доверливи случаи. Истото, рече таа, се однесува и на судската администрација.

Во однос на барањето на Синдикатот на УПОЗ да имаат свој претставник во Судскиот буџетски совет, министерката Дескоска не гледа ништо спорно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.