Добро е да се донесе Законот за јавно обвинителство, иако сега веќе не е ургентно. Вака министерката за правда Рената Дескоска ги коментира последните случувања, откако попладнево републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека ќе ги преземе сите предмети кои ќе му ги отстапи СЈО.

Иако со ваквиот потег е решено најтешкото прашање – судбината на обвиненијата, истрагите и предистрагите на СЈО, сепак Дескоска смета дека неопходна е и законска рамка, за да не се остави никаква дамка на евроатлантскиот процес. Попладнево власта и опозицијата имаа уште една безуспешна средба за законското решение. Дескоска ја повикува опозицијата на конструктивност.

Се надевам дека емоциите деновиве ќе слегнат и ќе можеме да продолжиме со разговорите од вторник, изјави таа.

Министерката тврди дека лажни се обвинувањата на опозицијата дека власта се координира со Катица Јанева, која од притвор испрати полномоштво до обвинителите на СЈО за да можат да ги предадат предметите на Јовески.

Бевме затечени и затоа повикавме правни експерти, додава Дескоска.

Сепак, според неа, мнозинството во работната група која вчера и денеска дискутираше за новонастанатата ситуација, имало став предметите да ги преземе Јовески.

Калајџиев беше единствен и осамен во ставовите. Другите немаа проблем со постапката за предавање на предметите, вели Дескоска, откако професорот обвини дека намерата е СЈО да згасне.

Дескоска посочува дека товар на целиот процес на носење на законот е што за него е неопходна поддршка и од пратеници кои се обвинети и осомничени од СЈО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.