Министерката за правда, Рената Дескоска, не верува дека политичките партии ќе се договорат за промена на изборниот модел, што значи дека веројатно ќе останеме со шест изборни едини и пропорционален модел.

Таа најави дека ќе се работи на препораките на ОБСЕ, но тие се однесуваат на мали измени во Изборниот законик. Покрај тоа, рече Дескоска, ќе се отворат и разговори за составот на Државната изборна комисија (ДИК), за изборниот модел, за отворени или затворени гласачи ливчиња.

Ниедна измена нема да е соодветна ако не се направи со консензус. На политичката сцена имаме целосно спротивни ставови за изборниот модел, имаме партии кои се за една изборна единица, други се за намалување, но не за една туку за три или четири. Експерти предлагаат осум изборни единици, имаме политички партии кои бараат мнозински изборен модел – посочи Дескоска.

Таа не верува дека ќе се постигне некаков договор за ова прашање.

Ако ВМРО-ДПМНЕ настапуваше со став за мнозински изборен модел, а кај ДУИ не гледам расположение за една изборна единица, не мислам дека ќе имаме шанса да направиме промени бидејќи да избереме изборен модел без консензус не би било упатно за ниту една земја – изјави министерката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.