Денеска во Македонија почнува имунизацијата на населението против ковид-19. Предвидено е првата доза од вакцината да ја примат 260 здравствени работници од Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Вакцинацијата почнува во 10:00 часот во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје

Први ќе се вакцинираат двајца здравствени работници од инфективната клиника, а по нивното вакцинирање изјава за медиуми ќе дадат министерот за здравство д-р Венко Филипче, претседателката на Комитетот за имунизација проф. д-р Александра Грозданова, како и самите вакцинирани медицински лица.

Процесот на вакцинација ќе се одвива на пунктовите сместени во модуларната болница до Инфективната клиника. Првите здравствени работници ја примаат првата доза од вакцината на производителот „Фајзер“ што земјава ги доби од Србија во саботата, првите 4. 680 од вкупно 8. 000 колку што се договорени.

Според планот за вакцинација, здравствените работници кои работат со ковид-пациенти се во првата приоритетна група за вакцинација. Во втората фаза ќе се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 со придружни болести или здравствени состојби со висок ризик. Во оваа фаза се опфатени и здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите, другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, новинарите, вработени во образовни институции и градинки…

Во третата фаза за вакцинација се преостанатите групи на граѓани од дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, лица коишто не можат да одржуваат физичка растојание, и на крајот практично сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

Филипче информираше дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници до крај на месецов треба да пристигнат и кинеските вакцини во земјата. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓи 2 и 4 илјади.

Министерот Филипче изјави дека нема да се вакцинира во првата фаза, препуштајќи им ги вакцините на здравствените работници кои работат во ковид-центрите. Премиерот Зоран Заев ијзави дека ќе се вакцинира за да даде пример на јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.