Свечена седница за ратификација на Протоколот за пристапување на Македонија во членството во НАТО ќе се одржи денеска во Собранието во присуство на претседатели и претставници на парламенти на земјите од соседството, на македонскиот државен и политички врв, на дипломатскиот кор. Со ратификацијата земјата уште еден чекор ја дели од полноправното членство во Алијансата, како 30. земја-членка. Ќе остане недовршена уште ратификацијата во Парламентот на Шпанија, а ратификацијата кај нас ќе има одложено дејство и ќе се активира откако процесот ќе заврши во Мадрид.

Предлог-законот за ратификација е во собраниска процедура, откако Владата се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април.

На денешната свечена седница на Ратификацијата на Северноатлантскиот договор свои обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Парламентот Талат Џафери, техничкиот премиер Оливер Спасовски, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ Јован Митрески, на ДУИ Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на „независната пратеничка група“ Нола Исмајлоска Старова, пратениците на Алијанса на Албанците Сурја Рашиди на Алтернатива Африм Гаши, на БЕСА Фадил Зендели и на ДПА Мерал Ферати. По гласањето пред пратениците и присутните ќе се обрати и претседателот на ПС-НАТО Атила Местерхази.

Пред почетокот на свечената седница, претседателот на Собранието Џафери ќе има кратки поздравни средби со претставниците на парламентите на соседните земји. Во Собранието на овој чин денеска ќе бидат присутни Мирослав Туѓман, пратеник и шеф на Хрватската делегација во ПС НАТО, Василика Хуси, потпретседател на албанскиот Парламент, Цвета Карајанчева, претседател на бугарското Собрание, Генци Ниманбегу, претседател на Парламент на Црна Гора.

На седницата поканети да присуствуваат се и поранешни претседатели, премиери, лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како и претстатвници од општествениот и јавниот живот и дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО.

По ратификацијата во 16 часот планирана е церемонија на подигнување на знамето на НАТО пред Собранието.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.