Владеењето со свиткана кичма завршува. Денес завршува најсрамната и најкриминалната епизода во поновата македонска историја. Завршува Заев.

Ова на денешната прес-конференција по распуштањето на Собранието го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека ова е денот за кој се обврзал пред неговите соработници, пред партијата кон која три години тие истите водат прогон. Пред народот кон кој сакаат да го избришат. Пред граѓаните кон кои удираа и ги осиромашуваа овие три години, дека оваа власт мора да падне, Заев и неговата анти народна и анти македонска влада да си замине и никогаш повеќе да не се повтори. Денес дојде овој ден.

Сакам да се обратам, додаде Мицкоски, до чесниот и напатен народ, до граѓаните чии срца се стегнати поради неправдите, сиромаштијата, проблемите, доаѓаат подобри времиња.

Доаѓаат времиња кога ќе има повеќе за секого, ќе има стабилност и сигурно чекорење кон нашите стратешки цели. Повеќе за земјоделците, повеќе за работниците, повеќе за стопанството, повеќе за просветните и здравствените работници, повеќе за пензионерите. Повеќе за секого. Обнова базирана на чесност, принципи и правда. Обновата денес е неопходност, зошто руинирана ни е државата, зошто мора да завладеат вредностите. Обнова која ќе донесе силна економија и силна држава, победи во секое поле. Исправена кичма, чист образ и среќни лица. Ве гледам исправено пред вас и ви велам, ова е финалето на една битка за Македонија, битка за принципите и вредностите, и ова е мојата, мојата битка за мојата татковина во која што пораснав, создадов семејство и се борам за заедничката иднина. Обновата доаѓа, обновата која ќе решава проблеми. Одиме кон извесна, голема, неопходна и заедничка победа. ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!, порача Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.