Жителите на одредени населби во Тетово три дена се соочуваат со 24-часовен прекин во снабдувањето со вода за пиење. Станува збор за повисоките делови од градот кои се најпогодени од дефектот и воведените рестрикции овие два дена.

-Два Бреста и Колтук сме трет ден по ред без вода да пиење. Ова е алармантно. Соседите имаат и хидрофор и цистерна па немаат вода за пиење. Рестрикција подразбирам да има периоди кога ќе дојде вода и за да наполниме во шишиња и буриња. Овојпат не ни доаѓа воопшто, замислете во време на пандемија како да одржуваме хигиена, реагираат граѓаните од овие населби.

Јавното комунално претријатие „Тетово“ информираше дека по откривање на дефектот на пат кон планинската месност Лешница денеска веќе носат нови цевки кои треба да се постават со цел да продолжи снабдувањето со вода од планинските реки во рамки на новиот водоснабдителен систем. Се работи за планински предел од селото Бозовце на шестиот километар кон Лешница.

-Утврдивме дека треба да се постават нови цевки во должина од 60 метри.  Поради свлечиште на земја дел од цевководот е отсечен и пропаднат на длабочина од 4,5 метри.  Инаку цевководот е поставен на длабочина од 1,5 до 1,7 метри длабочина.  Се работи на копање на канал со должина од 60 метри каде треба да се постават новите цевки. Воедно треба да се донесат и цевки од градот до планинската месност, што само по себе е предизвик и потешкотија, објаснува Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод и канализација“.

Тој потенцира дека станува збор за ризично планинско место каде во опасност се доведуваат и животите на вработените. Се работи за место со снег и појава на свлечишта.

-Освен што треба да се ископа каналот за поставување на цевките и нивното носење до таму, треба да се направи спој со два здрави дела од цевководот.  И тој дел е предизвикувачки бидејќи тогаш се можни и нови проблеми за кои се надеваме дека нема да ги има овој пат. Претспоставуваме дека е можно најрано до сабота да се заврши овој процес за надминување на дефектот, изјави  Шаќири.

Водоводната мрежа има само 200 литри вода во секунда што за градот не е доволно. Од тие количини, 140 литри се од стариот водоснабдителен систем и останатите 60 од четири бунари во градот.  Доколку се санира дефектот од овој нов водоснабдителен систем ќе има дополнителни 150 литри вода во секунда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.