Неформално здружение на матуранти од генерацијата 2018-2022 денеска до Министерството за образование и наука (МОН) ги доставија своите потписи и барање за укинување на испитите од годинешната државна матура која треба да почне да се спроведува од 4 јуни, објави „360 степени“.

Претставник од Здружението, матурантот Ѓорѓи Јачев од СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип, за „360 Степени“ вели оти кон барањата за укинување на матурските испити се приклучиле околу 2. 000 матуранти на ниво на средните училишта ширум земјава.

Како главна причина за нивните барања го наведуваат недостатокот од, како што велат, квалитетна настава од почетокот на пандемијата со ковид-19, проследена со импровизирано учење на далечина во второто полугодие од учебната 2019/2020 година.

Ваквиот модел на настава резултираше со слабо усвоени знаења поради неорганизираноста од ваша страна, интерноста на дел од наставниот кадар кој мораше да импровизира без јасни насоки, пишува во барањето од неформалното здружение на матуранти.

Од Здружението потсетуваат и оти минатата учебна година започнала со задоцнување од еден месец што, како што додаваат, резултираше со кратење на наставната програма. Посочуваат и дека учебната година се одвивала со бројни технички проблеми, а како отежнувачка околност го наведуваат и скратеното времетраење на наставните часови.

Друга причина поради која бараат укинување на испитите од државната матура е и генералниот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој траеше три недели во основните и средните училишта ширум земјава, а за тоа време не се одржуваше настава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.