Новинарот Бранко Героски, кого Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство на Македонија (ФЗОМ) го прозва на вчерашната прес-конфренција му одговори во колумна на порталот „Плусинфо“.

Господине Ден Дончев, како што ви ветив, ова е мојот коментар на вашата вчерашна прес-конференција, на која одговоривте на наодите од кривичната пријава на скопјанката Вера Иванова, дека сте ја злоупотребиле службената положба и овластувањата, за да ја спречите продажбата на нејзината компанија „Метрополитен“ односно ПЗУ „Диамед“, на угледната шведска компанија „Диаверум“, специјализирана за услуги за дијализно болни пациенти. Се надевам дека нема да ви пречи што ќе ја прифатам и ќе ја поддржам иронијата со која и мене лично ми се обративте на пресот, па во натамошниот текст ќе ве ословувам како Деки. Да внесеме малку ведрина во оваа тешка тема…

Да бидам искрен, не очекував на вашата прес-конференција да изнесете наводи со кои, според моето мислење, во голема мерка ги потврдувате обвинувањата во спомнатата кривична пријава, односно признавате дека како овластено службено лице, директор на Фондот за здравство, сте се потрудиле да ја одвратите компанијата „Диаверум“ од планираната аквизиција во Македонија, укажувајќи ѝ на некои наводни ризици. Јас, господине Деки, не би сакал, како другите, да се сомневам во вашите лични мотиви, но имам впечаток дека вие сѐ уште не сте свесни дека сте ги пречекориле своите службени овластувања и сте презеле дејствија во улога на полицаец, иследник, обвинител и судија.

Но, да одиме со ред.

Што велат експерите и паталците, Деки?

Најнапред, вие ја оспорувате тендерската постапка, со која во 2013 година Министерството за здравство на компаниите „Диамед“ и „Систина“ им доделува концесии за вршење на услуги за дијализно болни лица, при што, како што велите, биле отфрлени „легитимни странски компании“. Многу чудно… Дали тие „легитимни странски компании“ го оспориле тендерот?

Вие тврдите дека овие две приватни компании добиле „монопол“ на услугите на 20 години и гарантирана минимална цена од 90 евра по дијализен третман, при што додавате дека претходната цена во јавното здравство изнесувала само околу 70 евра по третман. Дали сте сигурен во бројките? Моите информации се дека претходната цена изнесувала 4.855 денари, односно околу 80 евра. Освен тоа, во цената, покрај дијализниот третман, треба да се додадат и вредноста на специјалистички консултативен здравствен преглед и обезбеден транспорт на пациентот од местото на живеење. Ако овие услуги се додадат на цената од 80 евра во јавното здравство, се доаѓа до сума од најмалку 92 евра. Според моите информации, значи, минималната гарантирана цена за концесионерите сепак била пониска од претходната во јавното здравство. Можете ли тоа уверливо да го демантирате?

Рековте, кога е добиен тендерот, фирмата „Диамед“ без надомест ја презела функционалната опрема во објектите на јавното здравство. Колку што мене ми е познато, „Диамед“ во почетокот плаќал кирија за раскантаната опрема во подрумите и во ќенефите на јавното здравство, па потоа ги реконструирал објектите, изградил неколку нови и набавил нова, квалитетна опрема.

Имам тука уште две клучни прашања до вас во врска со концесијата. Прво, која компанија би прифатила да вложува во ваква сложена дејност и за тоа да добие концесија од само 5 или 10 години, на пример? Второ, без оглед на вашето неточно тврдење дека цената на дијализен третман во јавното здравство била 70 евра по третман, дали можете да направите споредба меѓу сегашната цена во Македонија (90 евра) и цените во регионот, но и меѓу квалитетот на услугите сега и порано?

Ај да не биде ни по мое ни по ваше, да им дадеме збор на експертите, но и на паталците. Имено, во 9 болници на „Диаверум“ во земјава, сега пациентите добиваат врвен дијализен третман, кој е со подеднаков квалитет како услугата што ја добиваат пациентите во Шведска и пошироко во Европа. Да, по цена од 90 евра, но тоа е најниска цена во регионот и пошироко во Европа. И ова не е мое тврдење, туку на одговорните менаџери на „Диаверум“, јавно објавен податок. Господине Деки, дали можете да го демантирате ова? Внимавајте што ќе одговорите, бидејќи сега не зборуваме за некоја ноу-нејм компанија, туку за „Диаверум“, водечки давател на здравствени услуги за третман на бубрежно болни лица во 20 земји на неколку континенти.

Компанијата „Диаверум“ вели дека овозможува дијализен третман на 670 пациенти во Македонија, за кои се грижат 270 медицински работници (веста е од март годинава, па можно е цифрите сега да се повисоки). Дали ваков сооднос пациенти – медицински персонал имало кога дијализите се вршеа во јавното здравство? Знаете ли како пациентите ги оценуваат услугите на „Диаверум“ во споредба со оние што ги добиваа порано во јавното здравство?

Господинот Душко Ѓоргиев, на пример, претседател на здружението на бубрежно болни „Нефрон“, изјавил дека со воведување на концесионерството значително се подобриле условите во центрите за дијализа. Се користат нови машини, а пациентите добиваат квалитетна дијализа во своето место на живеење, додека порано морало да патуваат и по 100 километри. За нив сега се грижи едуциран и стручен персонал. На крајот на октомври 2018 година, ова здружение се огласува со соопштение во кое вели: „Здружението Нефрон, во соработка со Министерството за здравство, ФЗОМ и сите други национални и локални чинители од оваа област, особено со трите приватни здравствени установи за дијализа ПЗУ Диамед Македонија, ПЗУ Систина Нефроплус и Специјалната болница за нефрологија и дијализа Диамед, се залага и го поддржува енормното подобрување на условите за дијализа во изминатите пет години и за истиот период Здружението нема позначајни забелешки за работата на центрите за дијализа“. Здружението регистрира подобрување на услугите и условите и во јавно-здравствените установи за дијализа (Универзитетска Клиника за нефрологија, Заводот за нефрологија Струга и ГОБ 8 Септември)“.

„Енормно подобрување“, господине Деки. Дали ги негирате пофалбите на најзасегнатите, на пациентите?

Патем речено, здружението „Нефрон“ соопшти дека не поседувало никакви информации или докази со кои во минатото божем покренало или би покренало било какво обвинение или истражна постапка во врска со тендерската постапка. Го знаете ли ова, директоре Дончев? Можете ли ова да го негирате? Зошто истрагата се обидела да ги злоупотреби пациентите и нивното здружение, измислувајќи дека од таму допрел глас? Но, сега веќе знаеме чиј бил „божјиот глас“ што допрел…

Директоре, зошто сте биле позагрижен од Швеѓаните што купуваат?

Но ајде, за ваша љубов, хипотетички макар, ќе ви дадам троа кредит и ќе се согласам со вашите инаку небулозни тврдења дека на две компании им се дадени „монопол“ и можност да остваруваат „енормни профити“ (замислете, а вие баш не сте биле тука!), на штета на здравствениот систем во земјава. Фактите ве негираат, но еве, да речеме дека сте во право. Имено, вие го тврдите следното: „Според документацијата, Диамед почнува да работи од 1 февруари 2014 година. Фондот за здравство на Диамед му исплаќа вкупно 42.500.000 евра до 31 декември 2018. Имајќи предвид дека бројот на пациенти за дијализа постојано расте, приходот кој Диамед може да го очекува од ФЗО до крајот на концесијата е минимум дополнителни 160 милиони евра. Значи, за 20-годишното времетраење на концесијата, Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО“.

Господине Деки, вие сте менаџер и веројатно не треба вас да ве учам дека во бизнисот покрај приходи има и расходи, па на крајот се пресметува добивка (профит) или загуба. Јас, на пример, сум известен дека „Диамед“ инвестирал 6 милиони евра само во основни средства и уште најмалку 3 милиони евра за изградба на 6 нови и за реконструкција на 3 постоечки објекти. Купени се повеќе од 200 нови апарати за дијализа. Сето тоа се сериозни инвестиции и расходи, а придобивките најдобро ги чувствуваат пациентите.

Но, се согласувам, 200 милиони евра приход за 20 години е бабачко сума. Ако е така како што сте пресметале со калемот, имам прашање за вас – зошто некој кој остварувал толкави приходи и веројатно и високи профити, би ја продал својата фирма за само 11,5 милиони евра? Зошто, едноставно, не би продолжил сам да работи, да „делка“ фондовски пари и да му крцка кесичето? Не гледате нелогичност во вашата теза, директоре на Фондот за здравство?

Голем дел од вашата прес-конференција потрошивте на објаснувањето на тоа како се менувала сопственоста на компаниите на госпоѓата Иванова и на докажување на вашата теза дека таму постои некаков скриен сопственик, кој може да е и лично Никола Груевски. Не ви замерувам, бидејќи вие најдобро го знаете Груевски уште од времето кога ја реализиравте продажбата на Македонска банка на газда Нини. Ни ги раскажавте сите промени во фирмите во кои како сопственик се јавува госпоѓата Вера Иванова, божем се тие најголемата светска тајна и божем не знаете дека секој може да отвори оф-шор компанија и не е должен на вас да ви ги објаснува своите мотиви. Она што е важно е дека во времето кога била доделена концесијата сопственоста на концесонерот била јасно дефинирана, а исто така било и во време на аквизицијата на компанијата на Иванова од страна на „Диаверум“.

Впрочем, зошто вие, господине Деки, за сопственичката структура на фирмата продавач, сте биле позагрижен од купувачите, од Швеѓаните? Дали ви е познато дека „Диаверум“ направил детални ревизии (дју-дилиџенс се вика тоа, вие барем треба да знаете) на сопственичката структура на фирмата продавач, на концесискиот договор и на нејзиното работење? Ма секако знаете, тоа неколку пати ви било кажано! Зарем мислите дека Швеѓаните биле улави, па одлучиле да влезат во зделка, знаејќи дека фирмата продавач има криминален бекграунд?

А еве, да ви направам кеиф, па да замислиме дека Швеѓаните решиле да ја купат баш оваа фирма и баш затоа што нејзин сопственик од позадина, на пример, бил премиерот Груевски, лично и персонално! Ако не постои казниво дело, со кое право вие, или било кој друг од македонските власти, би им забранил да направат таква зделка? Ако утре некои Швеѓани решат да го купат „Мамас“ на Заеви, вие ќе се стрчате и ќе им викате: „Аман немојте, планираме да истражиме да не има скриена сопственост“?!

Госпоѓата Иванова упорно тврди и докажува дека таа е сопственик на спомнатите компании, кои ги формирала на легален начин. Нејзината сметка во Монако е легална, таа дури на овдешните власти им приложила и комплетни изводи од промените на таа сметка. Што ви е на вас гајле, господине Деки, на која сметка (или сметки) легнале парите, ако трансакцијата била легална и ако госпоѓата Иванова уредно ја пријавила целата сума во УЈП (и таа од сметката во Монако), со намера да плати персонален данок? Што сте вие – директор на Фондот за здравство или полицаец, истражител, обвинител и судија?

Инспектор Мегре и доктор Џекил и мистер Хајд, три во едно!

Самите признавате дека сте ја известиле компанијата „Диаверум“ за сомневањата дека претходните сопственици на „Диамед“ се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности, „на лица кои директно или индиректно биле во врвот на самата власт“. Каде се запишани тие сомневања, кој ги утврдил формално? Никој! Самите признавате дека уште во јануари 2018 година, на компанијата „Диаверум“ сте ѝ препорачале – велите, и вербално и писмено, преку амбасадата на Шведска! – дека Министерството за здравство и Фондот за здравство имале намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој е приватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража (Париз).

Како тоа, господине Деки, сте го информирале странскиот инвеститор дека „имате намера“ да започнете истрага – патем речено, вие ли водите истраги, или истражните органи? – а ваму тврдите дека тоа не било обид да се спречи странска инвестиција во земјата? Што правиме со фактот што истрагата почнала цели десет месеци по вашата искажана „намера“, а вие со укажувањето првиот пат навистина сте успеале да ги одвратите Швеѓаните? Кој ве излажал дека имате право да го правите тоа?

И уште една многу чудна работа има тука, господине Деки. Велите дека сте имале толку сериозни сомневања за фирмата продавач „Диамед“, што сте морале да ги предупредите Швеѓаните. А зошто Фондот со кој раководите не сте го предупредиле дека фирмата е „сомнителна“, па да внимава малку со плаќањата? „Диамед“ имал договор според кој Фондот ги плаќал услугите на период од 120 до 180 дена. За време на режимот на Груевски, фирмата мака мачела да ги наплати побарувањата од претходните двајца директори. Во 2017 година вие доаѓате на чело на оваа институција и во првите три месеци, доцните и вие со исплатите. Потоа се случува онаа епизода кога доаѓаат Швеѓаните со намера да го купат „Диамед“, а вие во јануари 2018, со вашите предупредувања, привремено ќе ги одвратите од намерата. И тогаш, во април 2018, се случува чудо – вие ги исплаќате сите заостанати фактури и потоа плаќање тече редовно на 30 дена, пред договорниот рок значи. Што ви текнало така, директоре Дончев? Одеднаш фирмата на Иванова престанала да ви биде сомнителна? Или сте имале некоја друга намера?

Исто така, самите признавате дека на 31 октомври 2018, Министерството за здравство, писмено и детално, директно го известува „Диаверум“ дека под нормални околности, државата не би имала никаква инволвираност при трансакција помеѓу две приватни компании, но околностите биле „вонредни“, дека имало „разумен основ за сомнеж дека постојат криминални дејствија околу Диамед “, та затоа сте ги предупредиле Швеѓаните „за можните правни последици“ доколку истражните органи и судот ги потврдат овие ваши сомнежи. Ако ова не е обид да се спречи странска инвестиција, јас не знам што е!

Но ајде, пак ќе бидам љубезен со вас и ќе се обидам да претпоставам дека ама баш за сѐ сте во право, иако реално, вие, господине Деки, сте направиле голем прекршок и зијан, нешто што никако не сте смееле да го сторите. Значи, да претпоставиме дека вие, инспектор Мегре и доктор Џекил и мистер Хајд, три во едно, сте ѝ згазнале на змијата на опашката и сте го решиле „случајот“. И што со тоа?

Две години сте директор на Фондот за здравство. Ако сте биле сигурни во штетноста на концесискиот договор, сте биле должни веднаш да го раскинете, да се судите во Париз и да го добиете спорот. Има во Македонија, а и надвор од Македонија, правници што сте можеле да ги ангажирате за таа работа. Но, на вас за божемната штетност на концесискиот договор ви текнало тогаш кога дошле Швеѓаните со торбата пари, решени да ја купат фирмата на Иванова. Не е ли тоа малку чудно? Малку многу… Смеам ли да ве прашам дали има вистина во шпекулациите дека во тој момент сте виделе потенцијален ќар и за себе лично? Само прашувам.

Дали вие лично, господине Деки, до сега сте имале некаков ќар од концесионерите? Реферирам на изјавата на пратеникот Антонио Милошоски, кој јавно постави прашање дали имало изнуда на пари, некакви месечни транши, некаков пат до Струмица и некаков „благајник со брада“? Имате ли претстава, господине Деки, за што зборува Милошоски? Навистина само прашувам, оти јас навистина не знам што сака да ни каже пратеникот.

Би сакал да ве прашам уште нешто. Вие ни кажавте што сте им кажале на Швеѓаните, на амбасадорот Матс Стафансон (одлично го познавам тој голем заљубеник во Македонија) и на луѓето од „Диаверум“. Можете ли да ни кажете што ви кажуваа тие? За првиот пат знаеме, сте ги раскандисале. Кутрите, биле шокирани. Ме интересира што ви кажаа вториот пат, кога наспроти вашите опомени (да не употребам сега некој пострашен збор, тоа му го оставам на обвинителот), сепак решиле да влезат во Македонија?

Сосема на крајот, навистина ме интересира што за сиве овие нешта сте му кажувале на премиерот Зоран Заев. Моите информации се дека тој силно ја поддржувал шведската инвестиција во Македонија. Дали тој ги одобри вашите дејствија, вашите опомени до Швеѓаните, вашите недозволени писма? Дали ви рече дека вашето поведение е голем придонес за развојот на инвестициската клима во земјава? И дали ве пофали дека сте поербап и од Финансиското разузнавање и од сите други истражни органи во нашава Северна Македонија?

ПС. Пак ние ќе се читаме, господине Дончев. Сега на вас е редот да ми одговорите. Ако сакате. Само, немојте веќе да ме каните на пресови, ружна ви е владата, а и некои ружни фаци се намножиле таму…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.