Професорката Јасна Котеска и министерката за образование и наука, Мила Царовска, вчера влегоа во меѓусебна „пресметка“ на социјалните мрежи околу реформите на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Пресинг.мк, повикувајќи се на свои сознанија објави дека пишувањето на проф. Котеска не е без основа, а министерката Царовска ќе треба добро да го провери своето тврдење дека се работи за „чиста лага“.

За потсетување, вчера прво професорката Котеска откри скриен план, што го нарече „Таен државен удар“. Во својата информација таа објави дека концептот на министерката за образование Царовска требало да купи време додека да бидат изработени учебници по бугарски терк, но и дека со новата стратегија за образованието на Филолошкиот факултет при УКИМ требало да се воведат две научни гранки, а да се укине предметот македонски јазик.

“Да сумирам.
1. Мила смислила 10-то летка без науки додека дојдат бугарските учебници по историја.
2. На Филолошки без писмен допис се планирале две научни гранки: лингвистика и литература, ама македонскиот да бил тек дел од гранките. Ова е тоа што го викаат таен државен удар?”, напиша професорката Котеска во врска со активностите на министерката Царовска за реформи на образованието.
Претходно МОН најави дека јавната дебата за реформите ќе трае до 20 јануари, а во неа нема да бидат прифатени сугестиите од стручната јавност, кои се критички настроени кон концепцијата на министерката Царовска.

Веднаш по ова, министерката Царовска повторно преку статус на социјалната мрежа Твитер најостро ги демантираше тврдењата на професорката Котеска.

– Најостро ги демантирам тврдењата на Јасна Котевска, повикувам да запре ширењето на дезинформации, стоеше во нејзиниот статус.

Таа додаде дека ниту се планирало, ниту ќе се укинува групата македонски јазик на Филолошкиот факултет.

– Ова е чиста лага, граѓаните да не подлегнуваат на овие шпекулации, порача Царовска.

Наспроти целосното почитување на автономијата на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, министерката Царовска ќе треба добро да ја провери програмата на деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, поднесена при нејзината кандидатура за вториот мандат, што го доби минатата година. Зашто, токму таму, по се изгледа, се наоѓа основата за пишувањето на проф. Котеска.

Суштината е во тоа што во програмата на деканката се предвидува Катедрите на Филолошкиот факултет, меѓу нив и Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, да се преструктуираат од посебни единици во студиски Области: применети јазици, лингвистика, книжевност, методика и дидактика, традукологија. Што значи дека нема да има Катедри, како организациски единици на факултетот.

Според сегашната состојба на структурните единици со Катедри, како прва е Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици, во која групата Македонски јазик е рамноправен студиски модул со групите Хрватски јазик и книжевност и Словенечки јазик и книжевност.

Со новата организациска структура на Филилошкиот факултет, пак, што ќе рече не по Катедри, туку по Оддели, ќе нема Катедра по македонски јазик и јужнословенски јазици.

Само во Наставните модули или еднопредметни студии, а не Катедри, потесно единствено е наведена Македонистиката, заедно со Албанистиката, Туркологијата, Англистиката, Германистиката, Францистиката, Италијанистиката и Хиспанистиката.

И сега клучното прашање е дали со проекцијата на новото структурно реорганизирање на единиците (Катедрите) на Филолошкиот факултет при УКИМ преку оддели или општи научно-воспитни области, што професорката Котеска го именува како „таен државен удар“, била запознаена и министерката Царовска, односно Владата, па ако сакате и владејачката СДСМ или не?! – пишува Пресинг.мк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.