Наспроти сиот владин оптимизам од денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, што се одржа во Брдо кај Крањ, вестите кои стигнуваат од Љубљана не нудат излез од ќорсокакот во кој се најдоа македонско-бугарските односи како услов за конечен официјален старт на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Студениот туш стигна од бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги повтори бугарските барања.

Иако станува збор за нијанси, клучно е прашањето дали премиерот Зоран Заев ќе го прифати барањето, ни помалку, ни повеќе, туку раскинување со македонизмот?! Се друго е од второстепено значење.

Во извештаите во бугарските медиуми е забележливо дека има две толкувања од настапот на претседателот Радев пред новинарите. За едни, неговиот настап претставува извесно повлекување во ставовите, но за други тој ги зацементирал бугарските позиции, сега на фонот на човековите права и слободи, што наишло на целосно разбирање кај европските партнери.

-Нашите европски партнери се повеќе ја разбираат суштината на проблемот со РС Македонија. Имав две важни средби со лидерите на европските институции, а заврши и тристраната средба со канцеларката Меркел и претседателот Макрон на која ни се придружи и премиерот на државата кандидат за членство РСМ, Зоран Заев, објасни Радев пред бугарските новинари, додавајќи дека темата на разговорите била барање начин за надминување на недоразбирањата пред почетокот на преговорите за членство на РСМ.

Очигледно, Радев со поинаков тон го споменува присуството на Заев на заедничката средба со Меркел и Макрон.

Според него, темата е од исклучително значење за нашиот регион, за македонските Бугари, за местото и улогата на Бугарија во ЕУ и нивното достоинство како нација. Потсетувајќи на досегашниот развој на настаните, Радев додаде дека „не сака да се враќа назад кон тоа наследство, туку треба да се гледа напред“.

-Суштината е системската дебугаризација, системското, со години уништување на бугарското нултурно-историско наследство во таа земја, и со децении водениот денационализаторски процес кон македонските Бугари. Човековите права се фундаментални принципи, кои се длабоко прифатени од ЕУ. Овие средби се одржуваат на фонот на мноштво сигнали за вознемирување и заплашување на луѓе со бугарска самосвест во процесот на попишување во РСМ и на фонот на промени на бугарски споменици, коментираше Радев.

Бугарските позиции, според бугарскиот шеф на државата, се јасни-додека тој денационализаторски процес продолжува, додека на неговите сонародници им се потиснуваат основните права и целосно не се интегрираат со другите народи, тие не можат да кажат „да“ за почеток на преговорите.

-Непочитувањето на правата на македонските Бугари, кои се граѓани и на Република Бугарија, е предизвик за ЕУ. Тие не се само граѓани на Бугарија, туку се и граѓани на Унијата. Повикав на европска солидарност. Тоа не е ниту вето, ниту стопирање на процесот. Не сакаме ништо повеќе од тоа што го сакаат европските партнери-да се почитуваат европските принципи. Очекуваме тој процес да запре, да се искорени говорот на омраза, извртената претстава и толкувањата за Бугарија во учебниците, музеите, спомениците, јавниот говор и од државната политика. Тогаш нашиот народ ќе биде подготвен да каже „да“ за почеток на преговорите. Сакаме јасен правно обврзувачки документ за тој процес, изјави Радев.

За него, клучот за согласност на Бугарија не е сложен. Тој се состои во целосно и безусловно исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство, што ќе рече македонските Бугари да бидат навистина рамноправни со другите седум составни делови од народи, кои се наведени во Уставот на РСМ. Според него, неопходно е македонските Бугари да бидат адекватно одразени како народност и број во пописот.

-Така како што беше призната историската вистина во односите со Грција, треба да биде призната историската вистина во односите со Бугарија. Објективните факти од нашата заедничка историја не можат да бидат подложни на мултиперспективно толкување. Добивањето на нашата согласност треба да добие ефекасни гаранции од ЕУ. Време е за историски компромиси и помирување, изјави Радев.

Но, тука не заврши приказната на бугарскиот претседател. На крајот следуваше шлагот на тортата. Зашто, Радев од претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев очекува храбри одлуки.

А, покрај веќе познатот раскинување со омразата кон Бугарија, тука влегува и раскинување со македонизмот!

Дали Пендаровски и Заев се подготвени и на тоа?!

Ако се подготвени, тогаш ќе треба да се види како тоа ќе биде продадено пред домашната јавност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.