По упропастувањето на европската перспектива на земјава нема ниту една единствена причина за поддршка на оваа власт, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на одбележувањето на 29-годишнината од основањето на партијата.

Велат секој век, има свој среден век. Ама изгледа овој темен период ќе да се задржи највеќе во времето кога Заев и СДСМ е на власт, затоа што не уназадија со години и години наназад. Да не се заборави дека оваа Влада, како ниедна во овие 28 години македонска држава ги имаше сите услови, целата поддршка и шанси за да успее, но не. Тие не успеаја и ги упропастија сите шанси. Се случи дебакл. 

И некако премиерот како да има целосно отсуство на општествената категорија прифатена во целиот цивилизиран свет, наречена срам. Овој човек не само што не го гризе совест, туку и нема срам, па пред една година насмеан од владиниот авион се пофали дека добил датум за преговори, па дури и организира прослава за датумот и истиот човек ни вели дека и оваа година ќе го добиеме, а всушност ниту лани ниту годинава го добивме. И кога увиде дека нема датум досега, малиот деспот почна да им се заканува на големата Европа и на нашите партнери, дури и да станува евроскептик, дури поголем од оние српски Двери, од кои ја препишуваше програмата за живот, рече Мицкоски.

Мицкоски очекува, како што рече, Заев да започне и кампања „Нема правда, нема ЕУ“.

Но, треба да си погледнеме во очи и да си кажеме дека нема датум за преговори не затоа што Европа не нè сака, туку затоа што владата не ја бива. Ние сме земја каде што власта брка од работа кутар хигиеничар кој фрлил 200 грама прашина во Вардар, а на премиерот што бараше 200 илјади евра мито, евро за брат му евро за знаеме кого, влакно не му фали. Ние сме земја каде пред да се отворат тендерските понуди се знае кој ќе го земе тендерот, не затоа што опозицијата е видовита, туку затоа што власта ги мести тендерите и тоа станува јавна тајна. Земја каде поединци чиј грб е власта хараат и рекетираат низ земјава, а дел од нив беа порано и со нас. И сето ова ќе се согласите и не е баш европски. Токму затоа нема датум. Но, жалењето врз заедничката судбина нема да ни помогне. Прашањето е како понатаму, што е следниот чекор?

Мицкоски потсети дека во овој момент најважно е да не се испушти шансата и Македонија да добие датум за преговори.

Некој ќе си помисли дека ќе го копираме однесувањето на СДСМ, да создадеме криза, ќе почнеме демонстрации, блокади, непослушност, ќе шараме по објекти, да се пресметуваме со полицијата. Така правеа тие. Не, тоа нема да го направиме во овој момент… Туку јас ќе се борам Македонија да добие датум за преговори, да не се испушти и оваа шанса. Не затоа што реално владата сработи, туку за да граѓаните не бидат заложници на неспособната влада. За да има уште една контрола врз разузданата власт потопена со криминал и корупција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.