Проширувањето на ЕУ е префрлено за следниот самит на Европскиот совет, соопшто рано утрово околу 3 часот по средноевропско време холандскиот премиер Марк Руте, пренесува Политико.еу. Тој рекол дека европските лидери долго разговарале за реформа на процесот на проширување, но и дека се загрижени за Албанија.

Холандскиот премиер Марк Руте се обиде да потруди да звучи утешително кон владите на Македонија и Албанија, кои се надеваа дека ќе добијат зелено светло за разговорите за членство во ЕУ на самитот.

Сите признавме дека и во Северна Македонија, како и во Албанија, е завршена голема работа, рекол тој за Политико, повикувајќи се на напорите за подобрување на владеењето на правото во обете држави и промената на името во Северна Македонија за да се реши долгорочен спор со Грција.

Сепак, Руте додал дека треба уште многу да се работи во двете држави и дека „списокот е нешто подолг“ за Албанија.

Финскиот премиер Анти Рине, по самитот, за медиумите кусо порача дека се надева дека лидерите ќе се навратат на прашањето во текот на денешниот ден, но без гаранции. Разни национални делегации различно брифираат, додека едните се надеваат дека ќе се наврати ЕУ на проширувањето денеска, други тврдат дека нема политичка волја за тоа.

Разочараност изрази и чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој на прашањето зошто лидерите на ЕУ не постигнаа договор за почеток на преговорите за членство за Македонија и Албанија рече дека ова прашање требало да биде формалност бидејќи претседателот на Европската комисија Jeanан-Клод Јункер и шефицата за надворешна политика Федерика Могерини и двајцата изјавиле дека двете држави ги исполниле критериумите утврдени за да започнат разговори.

Треба да ги прашате некои други земји-членки. Ние им ветивме. Јас сум многу разочаран, рече Бабиш

Франција, Германија, и Холандија се обидувале да напишат предлог компромис според кој донесувањето на одлуката се одложува за април 2020 година, пишува Политико.еу на својот блог во живо од самитот на ЕУ.

Идејата била Франција во меѓувреме да изработи предлог за реформирање на процесот за проширување до јануари. Засега нема договор за вметнување на конкретен датум во предлог-компромисот.

Во меѓувреме на официјалниот Твитер профил на Европскиот совет е напишано дека работната сесија и натаму продолжува доцна вечерва, но тема на разговорот е Турција и нејзината офанзива во североисточниот дел на Сирија.

Политико јавува дека по кратка дебата за Турција, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го претставил пред европските лидери предлогот со кој ќе се „потикнат Северна Македонија и Албанија без при тоа да им се даде зелено светло за формален старт за преговори“ .

Германската новинска агенција ДПА јавува дека лидерите на ЕУ „многу долго“ разговараaт околу француската блокадата на проширувањето, но без конечни резултати. Одбивањето на почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија ќе го загрози кредибилитетот на ЕУ цитира француски дипломат новинската агенција АП, кој додава дека Париз ќе дозволи почеток на преговори за шест месеци доколку види напредок во реформите.

ЕУ требаше вчера, по две одлагања, да донесе „јасна и суштинска“ одлука за отпочнувањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, согласно препораката на Европската Комисија и општиот консензус во ЕУ дека двете земји се подготвени за следниот чекор. Но, недостатокот од политичка волја надвладеа.

Повеќето земји-членки ја обвинуваат „тврдоглавоста и кусогледоста“ на Франција кон Западниот Балкан. Претседателот Емануел Макрон одбива секаков напредок во проширувањето додека не се измени методологијата на преговарачкиот процес, реформа која може да трае со години и за која Париз не дава конкретни одговори како треба да изгледа.

Од друга страна, земји како Холандија и Данска не сакаат да започнат преговори со Албанија. Во Хаг тоа е став на парламентот, и владата смета дека не може да го игнорира гласот на пратениците. За Холандија зелено светло беше прифатливо единствено под услов да се одвојат двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.