Терминали за отпечаток на прст се користат во 50 држави, пред се од третиот свет. Земјава е дел од НАТО, се стреми кон ЕУ и не може да си дозволи експерименти, како гласање за неколку секунди, како на претходни избори, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

-Во светот има 50 држави каде што се користат вакви машини, меѓутоа секако тоа се држави каде што треба да има. Имавме најсвеж пример од референдумот каде утврдените резултати ни укажуваат дека имало гласање за 7, за 9 секунди итн., значи сите тие недостатоци ќе се отстранат и сметам дека ќе имаме подобар фидбек, подобар осврт на работите како навистина стојат. Тоа би требало да биде така бидејќи ние нели се стремиме кон НАТО и ЕУ, не треба да си дозволиме такви експерименти да правиме, да гласаме за неколку секунди. Од друга страна тоа влева поголема сигурност на изборите доколку реално се почитуваат тие гласања, а ако не се почитуваат вметнато е во законот дека на тие места каде што не се почитува законот гласањето може да се поништи, вели Даштевски во интервју за Радио слободна Европа запрашан колку е чекор кон демократија да им се проверува отпечаток од прст на гласачите за време на изборите.

За тоа какви мерки се преземени за заштита на личните податоци коишто ДИК ги добива од МВР за употреба на овие апарати за проверка на отпечаток, по искуството со хакерскиот напад на минатите избори, Даштевски посочува дека за овие податоци се преземени специјални мерки.

– Што се однесува до овие апарати, тие ќе бидат офлајн, нема да работат на интернет, така што нема да може да бидат напаѓани. И серверот со кој ќе се полнат и празнат ќе биде офлајн, нема да биде вклучен на интернет, бидејќи податоците се кај нас, ќе се преземат на тој сервер и ќе бидат криптирани, вели Датшевски и додава дека за безбедноста на податоците ќе се грижи цел тим од ИТ инженери, а посебен тим ќе се грижи само за апаратите за отпечатоци на прсти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.