Младиот математички гениј Дамјан Давков од Штип, осмоодделенецот кому Министерството за наука и образование одбри да му додели награда и признание кога победи на средношколски натпревар, освои злато на Јуниорската балканска математичка олимпијада –ЈБМО, чиј домаќин беше Молдавија.

Во нашиот тим членувале и Миша Веселински и Михаела Смилевска, под лидерство на професорите Делчо Лешковски и Борче Јошевски (заменик-лидер). Набљудувач на нашиот тим бил проф. Д-р Ѓорѓи Марковски.
Екипата се натпреварувала виртуелно во просториите на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а учеството го организирал Сојузот на Математичари на Македонија. Веста за освоеното злато на Давков, ја сподели на социјалните мрежи неговата мајка Никица Давкова.

Младиот математичар се најде во центарот на јавноста на почетокот на годинава, кога освои прво место на државен натпревар по математика, а од МОН не му ја доделија паричната награда, бидејќи и покрај освоеното прво место не му следувала, затоа што бил ученик во основно, а истата им следувала на ученици во средно образование.

Решението дека е одбиен за доделување на парична награда, која изнесуваше околу 10.000 денари, бидејќи не ги исполнувал условите, односно бил помлад од останатите учесници, беше потпишано од министерката за образование Мила Царовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.