Владата ќе испрати до пратениците текстови на законски измени со кои ќе се утврди обврската на личните карти, возачките и сообраќајните дозволи, патните исправи и други документи да се печати двојазично и со новото име на држaвата.

Во соопштението од седницата меѓу другото се наведува дека на Владата ги утврдила текстовите на Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република  Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, заради усогласување со законските решенија во Законот за употреба на јазиците, како и од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,’Република Македонија’ со патни исправи со новото уставно име на државата, запазувајќи го рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република  Македонија.

Предлог-законите за изменување ќе бидат доставени на усвојување во Собранието во редовна постапка.

Но, во соопштението не се споменува ни збор за тоа дали во личните карти ќе се вметне и етничката припадност на граѓаните, што, пак, е официјално барање на владиниот коалиционен партнер БЕСА. Уште на почетокот на минатиот месец медиумите пишуваа дека Владата настапува внимателно околу предлогот на БЕСА и оти за тоа ќе се консултира со своите странски партнери од ЕУ.

Ставањето на етничката припадност во личните карти, како што тогаш пишуваа медиумите, било договорено и ставено во соопштение од една од владините седници уште пред две ипол години, односно уште пред да биде потпишан Преспанскиот договор, а со БЕСА тоа било договорено за предизборното коалицирање на последните предвремени парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.