Договоривме консензуален претседател, но засега нема да откриеме за кого се работи“. Вака гласеше пробниот балон пуштен од лидерот на ДУИ кон средината на летото. Со пулсот на народот Ахмети се поигра уште еднаш, пред речиси  еден месец, кога изјави дека поранешниот дипломат Денко Малески би бил добар предлог, а нагодувањата на јавноста дека „консензуалниот избор“ паднал на премиерот Зоран Заев ги подгреаја анкетите објавени во ноември, на кои тој се издели со сериозна предност благодарение на албанскиот гласачки блок.

СДСМ експресно демантира дека во партијата се зборува за претседателски кандидат.

Во моментот не постојат разговори за дефинирање претседателски кандидат во органите и телата на СДСМ, соопшти СДСМ

Сепак, анкетата на Телма и МЦМС објавена денеска фрла ново светло, а многу малку време остана да покаже дали се точни штекулациите дека за наследник на Иванов СДСМ ќе го кандидра премиерот Зоран Заев, а најновата анкета на Телма и МЦМС е токму добра пригода да се лансира Зоран Заев како успешен коалициски договор на партнерите во владата.

Резултатите од најновата анкета на МЦМС и Телма покажуваат дека најголем дел 12,4 отсто на претседателската функција го гледаат премиерот Зоран Заев.

Потоа со по 8,2% следуваат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Она што е очигледно од оваа анкета е дека гласовите на Зоран Заев потекнуваат главно од албанскиот блок.

Од „Павел Шатев“, преку „Илинденска“ до вилата „Водно“ – високиот рејтинг на Заев меѓу Албаците на последната анкета на Телма и МЦМС дава логичен одговор на ова прашање кое веќе подолго време струи низ јавноста.

 

Четврти на листата со 6,8%, е вечниот претседателски кандидат Стево Пендаровски, само три проценти поени на петтото место има Бујар Османи, додека некогашниот македонски Обама – Имер Селмани, кој веќе еднаш се проба во претседателска трка има поддршка од 5,8%.

Потоа следуваат – Теута Арифи – 3,4 %, Тања Каракамишева – 2,7% , Гордана Силјановска и Трајко Славески со по 2,4 отсто. Толку има и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска – 2,4%. Оливер Спасовски и Мирјана Лазарова Трајковска добија доверба од 1,4% од анкетираните.

Но речиси 19% – идниот претседател не го гледаат во ниту еден кандидат и дополнителни 14,9% – се уште не одлучиле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.