Голготата на оштетените физички и правни лица доверители во ограбената Еуростандард банка продолжува. Овој пат сме соочени со повторен можен грабеж на нашите лични парични средства собрани во стечајната постапка на банката од страна на судската власт. Судиите во Апелациониот суд Скопје, кои работеле на предметот по жалбата на група доверители на Еуростандард банка против Решението на Основниот граѓански суд Скопје 2СТ.бр.123/20 од 27.08.2021 година, со Решение ТСЖ-1554/21 од 23.09.2021 годинане само што експресно ја одбиле жалбата само за еден ден, туку тоа го сториле без да навлезат во суштината на предметот. Тие постапиле несовесно и нестручно при одлучувањето по овој предмет, поради што депонентите, физички и правни лица, како доверители во стечајната постапка за Еуростандард банка, можат да претрпат ненадоместлива штета преку уште една голема неправда.

Јавно упатуваме апел до Судскиот совет, да ПОСТАПИ по поднесеното дополнување на барање за утврдување на одговорност на судиите по донесеното Решение ТСЖ-1554/21 од 23.09.2021 година и воедно бараме МОНИТОРИНГ на стечајниот предмет 2 СТ.бр.123/20 на Основниот Граѓански Суд Скопје, особено по однос на  Барањето на група доверители поднесено преку Полномошник до Основниот Граѓански Суд Скопје на 13.10.2021 како и по  Дополнувањето на барањето  поднесено во Суд  на 15.10.2021 година.

Доколку Советот на судии совесно и стручно го проучил предметот, тој ќе беше вратен на Основниот граѓански суд Скопје на повторно одлучување поради најмалку две процедурални причини. Терминот „посебна (sui generis) законска суброгација” е непознат во законската норматива во нашата држава и повикувањето на овој термин е недоволно јасно и недоволно образложено, па Основниот граѓански суд Скопје требал да објасни која е таа одредба по која е донесена Одлуката и во кој закон таа одредба е содржана. Бидејќи судиите судат врз основа на Устав и Закон. И доколку во судската одлука не е утврдено врз основа по кој член и по кој закон е донесена, истата е нејасна и неразбирлива, и тоа ја прави НЕЗАКОНИТА.

И второ, уште поважно, Основниот граѓански суд Скопје не ја спроведува Одлуката на Уставниот суд донесена на 25 мај оваа година. Судот не ги запрел правосилните акти од извршување односно шемата на утврдени побарувања на доверители во делот на Фондот за осигурување на депозити согласно правното мислење на Врховен суд од 7 октомври 2019 година и член 80 од Деловникот на Уставниот суд, кој гласи:

Извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на судот е укинат не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре”.

Повеќе од 3.000 семејства не можат да дојдат до правдата за нивните украдени парични средства кои сега можат да ги наплатат од стечајната маса. После 14 месеци молк на сите институции и на државниот апарат во целина за ограбената Еуростандард банка, време е да се донесе правична одлука во корист на граѓаните и фирмите кои се ограбени поради нефункционирањето на системот. Време е Судскиот совет да го истражи предметот и да делува. Одговорност мора да има и законите мора да се почитуваат. На потег е Судскиот совет!


Оштетени штедачи на Еуростандард банка

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.